Новост

Сонeтната вечер на „Охридско лето“ – празник за публиката

21.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Прекрасна сонетна вечер на „Охридско лето“ приредија двајцата виртуозни уметници, виолинистката Алена Баева и пијанистот Вадим Колоденко.

На лицата на публиката се чувствуваше воодушевување во текот на целиот концерт на младите руски уметници кои ги отсвирија сонатите за пијано од Игнаси Јан Падеревски, Клод Дебиси, Лудвиг ван Бетовен и Оторино Респиџи.

-Дадовме премногу од себе на концертот и се’ уште сме под импресии. Единствено чувствувавме дека постоеше  силна размена на енергии помеѓу нас и публиката. Чувството  да се свири во оваа црква каде што сме првпат беше прекрасно и многу сме возбудени, изјави виолинистката Баева по завршувањето на концертот.

Со силни импресии беше и пијанистот Колоденко кој рече дека за него, настапот на „Охридско лето“ и флуидот со публиката претставувале вистинско уживање.

-Програмата беше исцрпувачка, но морам да напоменам дека некои од сонатите  што се свиреа се едни од нашите најнови реализации и ова беше доказ за дека нашиот обид е успешен. Многу сум среќен што почувствував ваква поврзаност, особено ако се земе предвид дека ова не беше најлесниот вид на музика што може да се слушне. Беше вистинско уживање, рече Колоденко.

Баева и Колоденко првпат заеднички настапиле пред 12 години и досега имаат отсвирено многу програми во дуо.

-За мене е огромна привилегија  да настапувам со музичар од ваков висок ранг. Се сметам за особено среќна личност  што имавме можност  уште додека бевме студенти да настапуваме како дуо, истакна виолинистката Баева.

Со синоќешниот концерт Алена Баева потврди дека е една од најдобрите светски виолинисти на својата генерација, со импресивна кариера каков што беше и нејзиниот настап на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Вадим Колоденко, како еден од најнадарените пијанисти кој исто така остави прекрасен впечаток на вчерашниот концерт, ќе музицира и вечерва на „Охридско лето“. Тој ќе настапи соло, во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.