Новост

Со претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски се спушта завесата на 59-тото издание на „Охридско лето“

20.08.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Театарската претстава „Одисеј“ на Горан Стефановски вечерва на Античкиот театар  со почеток во 21 часот ќе го означи крајот на годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Се работи за копродукциски проект  на театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје.

Како што истакна  на денешната завршна прес-конференција селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Александар Поповски, кој наедно е и режисер на претставата „Одисеј“, да се донесе оваа претстава и да се соберат овие луѓе, беше како да се состави мозаик на камчиња, слики кои пред 5-6 години се растуриле по светот.

-Овие луѓе, патуваат, играат, настапуваат насекаде низ светот и воопшто не е едноставно да ги соберете на едно место. Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид и тука, на своевиден начин, тој да ја најде својата Итака . Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен, сите тие откажаа и снимања и патувања да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава. Тоа за мене се работи што кажуваат дека вреди што се занимавам со оваа професија, рече Поповски.

 

Процесот на создавање на претставата врз сите што се дел во неа оставил трага, како во нивните животи, така и врз нивниот професионален ангажман, смета српскиот актер Светозар Цветковиќ кој ја игра улогата на богот Зевс.

-Од последната изведба на „Одисеј“ пред пет години, се случија толку многу настани во нашите животи, во театарот, во овој свет во кој го нема повеќе Горан. Режисерот  Поповски не’ собра повторно во слава на Стефановски, во негова чест да проговориме по она напишаното од негова рака. По временска дистанца од пет години, можам да кажам дека со првото соочување со текстот воопшто не бев свесен колку сме пред времето  во кое живеевме тогаш, и оти за жал или за среќа, со таа претстава сме пред времето на се’ она што се случува во театарскиот живот кој го познаваме на овие простори. Оттаму тоа што го направивме и вечерва ќе го изведеме има причина да постои и во иднина и да претставува театар кој е вистински печат како на Горан Стефановски и на режисерот Поповски, рече Цветковиќ.

Загрепскиот актер Озрен Грабариќ, публиката вечерва ќе го види во главната улогата на Одисеј.

 

-Во текстот на Горан има една реченицата дека „Итака никогаш не била цел за себе, туку целта било самото патување“. Затоа ми се чини логично и убаво и Горан и „Одисеј“ и оваа дива „хорда“ да продолжи да патува и понатаму. Верувам дека и во иднина ќе има такви излети, порача Грабариќ.

Актерот Никола Ристановски во претставата  „Одисеј“  ја толкува улогата на пејачот Тиресиј. Како што рече, посебно му е мило што  по седум години оваа претстава стигна во Македонија, што за него претставуав своевидна симболика на затворање на еден циклус, тема која зборува за враќањето на еден човек дома.

-Во таа смисла недвојбено Горан Стефановски е најважниот дел од цела таа приказна. Физички и метафизички Горан е меѓу нас тука, и сето тоа што би имал да го кажам на оваа тема тоа го кажува самата претстава, а на публиката оставам да ги донесе сите други заклучоци, впечатоци, доживувања, додаде Ристановски на денешната прес-конференција.

Целокупната драмска програма во рамките на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски  кој почина во ноември минатата година, но остави силен печат врз македонската драма.