Новост

Украински композиции и многу романтика на „Охридско лето“

12.08.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Младите и исклучително талентирани уметници Жана Марчинска и Гана Гусиева синоќа одржаа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ изведувајќи украински дела но и дела од познатите светски композитори како што се Астор Пјацола, Фредерик Шопен и Морис Равел.

-Се надевам дека програмата што ја претставивме, дел украински композиции, дел романтика и се допадна на публиката и оти публиката уживаше на синоќешниот концерт. Првпат сум на овој фестивал и воопшто во Охрид, но претходната година бев во Македонија, поточно во Скопје каде настапив во Македонската опера, вели виолончелистката Марчинска.

Марчинска и Гусиева не настапуваат често  како дуо за виолончело и пијано, но заеднички доловија прекрасни мигови и се впишаа во историјата на фестивалот „Охридско лето“ кој годинава го одбележа 58-от роденден.

-Првпат сум во Охрид исто како и мојата колешка, и можам да кажам дека уживам во убавините на градот, но и во Охридското Езеро кое многу наликува на Бајкалското. Што се однесува до професионалниот ангажман, ова ни е втора заедничка турнеја. Минатата година музициравме заедно во Кина. Имаме различни проекти и засега немаме заеднички планови, но се надевам дека во блиска иднина повторно ќе настапиме заедно, вели пијанистката Гана Гусиева.

Жана Марчинска виолончело и пијано започнува да изучува во Киев. Постојано е активна на музичките сцени, националните и интернационалните натпревари како:  „Уметноста на 21-от век“, Градскиот натпревар на млади пијанисти во Киев, Првиот регионален натпревар на млади пијанисти „Свјатослав Рихтер“ и други, како и на голем број фестивали. Во својата кариера Марчинска соработувала со познати оркестри, камерни ансамбли, диригенти и изведувачи. Во 2001 година ја добива Дипломата за најдобра изведба на дело од украински композитор. Редовен гостин е на мајсторски курсеви, меѓу кои и мајсторските курсеви за виолончело и свирење музика од античкиот период предводени од професорот Денис Северин во Високото музичко училите во Женева.

Гана Гусиева дипломира пијано на Конзерваториумот во  Одеса, а во 2012 и композиција на Музичката академија во Киев. Добитник е на повеќе признанија на различни интернационални натпревари по пијано и композиција, и повеќе фестивали во и вон Украина. Редовен посетител е на научни конференции во Одеса, Киев, Новосибирск, Виена. Последниве три години живее во Каен, Франција, и работи како пијанист во Оркестарот на  оперета на Нормандија  и како пијано придружба на хорот. Како композитор, Гусиева е автор на голем број дела за пијано, виолина, виолончело, вокал, но и композиции за гудачки, камерен и симфониски оркестар.