Новост

Француската вечер на „Охридско лето“ во знакот на пијанистите Бурдонкле

26.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се одржува со поддршка на Францускиот институт во Скопје, вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт за четири раце на пијано.

Фестивалската публика ќе ужива во музицирањето на врвните француски пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле кои ќе отсвират дела од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов,  Клод Дебиси и Дариус Мијо.

Француската вечер на „Охридско лето“  секоја година претставува вистинско уживање за љубителите на уметноста. Според амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, Француската вечер се афирмира како  еден привилигиран момент во којшто се претставуваат врвни имиња од светот на француската музичка сцена.

-Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот институт во Скопје имаат долгогодишна соработка со фестивалот „Охридско лето“ која што во последните 11 години се остварува преку веќе традиционалната Француска вечер. Со Француската вечер секоја година ни доаѓаат врвни музички имиња од Франција со заеднички напор што го вложуваат и фестивалот и амбасадата и Францускиот институт во Скопје, на општо задоволство. Така, на македонската публика имавме можност да и понудиме врвни имиња. Минатата година тоа беше ансамблот „Маскерина“ а годинава ќе биде пијано-дуото, таткото и синот, Мишел и Николас Бурдонкле. Сигурни сме  дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште поголеми проекти и звучни имиња од француската музичка сцена, вели амбасадорот Тимоние.

Според францускиот амбасадор,поддршката за Француската вечер на „Охридско лето“ е всушност поддршка и за градот Охрид.

-Поддршката за Француската вечер и фестивалот е поддршка за градот Охрид како пример за одржлив туризам и придонес кон развојот на  овој град кој е под заштита на УНЕСКО, додава амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.

Младиот и извонредно талентиран Николас Бурдонкле започнува да изучува пијано под менторство на својот татко – Мишел Бурдонкле на конзерваториумот „Дариус Мијо“ во Екс-ан-Прованс, а продолжува во конзерваториумот „Пјер Барбизе“ во Марсеј каде работи со пијанистот Ерик Бершо. Своето оркестарско деби, овој млад пијанист го доживува во 2009 година, и оттогаш постојано одржува рецитали и концерти со повеќе оркестри. Во 2015 година, ја добива „Супериорната диплома“ како највисоко признание на Националниот конзерваториум за музика во Париз. Моментално се наоѓа на постдипломски студии на Конзерваториумот во Женева.

Звучното име во светот на класичната музика Мишел Бурдонкле со својата активна пијанистичка дејност редовно е присутен на најпрестижните сцени во светот, каде често соработува со некои од најдобрите изведувачи на денешницата. Со своите изведби, Бурдонкле инспирирал повеќе композитори, кои решиле да напишат дело токму за овој пијанист. Неговата дискографија вклучува дела направени со познати издавачки куќи. Значајни се и неговите мајсторски курсеви што ги одржува во повеќе земји во светот, а од останатите активности треба да се издвои неговата улога како основач и уметнички директор на Фестивалот, Академијата и интернационалниот натпревар „Пијанистички ноќи“.