Новост

Француската вечер на „Охридско лето“ ја наполни црквата „Света Софија“

12.08.2017

SHARE

Громогласен аплаус, стоечки овации и насмеани лица можеа да се забележaт во црквата „Св. Софија“ по коцертот на францускиот ансамбл „Маскерина“ на француската вечер во склоп на фестивалот „Охридско лето“.

Беше уникатна можност да се слушнат Себастијан Берета, Мари Гијоми и Николас Вати, чиј основен интерес е токму барокната музика. Во овој програмски концепт иако поголем дел од делата се посветени на триото, секој инструмент имаше и солистички настап и свое централно место.

Тимот на фестивалот „Охридско лето“ ја изрази својата благодарност на Кристијан Тимоние, францускиот амбасадор за поддршката од Амбасадата на Франција и Францускиот институт.

– Уживав за време на концертот, но сега после концертот сум навистина многу возбудена и малку уморна. Потребно е многу енергија за да се отсвири целиот концерт, се даваме целосно на публиката. Првпат сум во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“, ова е едно извонредно искуство. За мене како Французинка, ова е едно различно искуство, имате различна историја и архитектура, се’ е магично. Времето и луѓето овде многу ми се допаѓаат,за разликаа од нас французите кои сме многу постудени, вели Мари Гијоми од ансамблот Маскерина.

И за уметникот Берета, концеротот помина според очекувањата.

– Навистина сум растреперен по концертот затоа што целата организација за нашиот настап и самиот настап се одвиваа на најдобар можен начин, така како што сакав и очекував. Од се’, најмногу до мене допре тоа што имавме можност да отсвириме барокна музика и тоа во едно свето место, во православна црква, затоа што јас сум Србин и сум православен христијанин. Иако сум израснат во Босна, сега доаѓам првпат во Македонија, исто така и во Охрид, но имам многу пријатели, Македонци. Посебно ја сакам историјата и архитектурата, поради тоа се заљубив во градот Охрид, изобилува со антички, древни градби. Се изненадив кога за време на концертот погледнав во публиката, имаше луѓе од различна возраст, ми се допаѓа духот на македонскиот народ и култура, вели Себастијан Берета.

Според Николас Вати, со зборови не може да се опише чувството кое уметниците од овој ансамбл го доживеале на подиумот во „Света Софија“.

– Реткост е да се настапува во ваква концертна сала.Задоволен сум и исполнет, публиката ме воодушеви. Првпат сум во Македонија и воодушевен сум од Охридското Езеро и од фестивалот, дефинитивно ќе дојдам повторно, вели Николас Вати.

Француската вечер беше една навистина вечер на уживање во звуците на барокна флејта, виола да гамба и теорбо во склоп на музичката програма на 57. издание на фестивалот.