Новост

Шун: За високото реноме на „Охридско лето“ се знае и во Кина

16.08.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Неверојатен спој со публиката на „Охридско лето“ имаа кинеските музичари од Камерниот оркестар ЕЛК кои одржаа концерт синоќа во црквата „Света Софија“.

Громогласниот аплауз и бурните овации беа награда за нивниот извонреден настап. Насмеани лица заминуваа по едночасовниот концерт разменувајќи ја меѓусебе возбудата и позитивните коментари за она што го видоа и слушнаа на овој музички настан.

– Не е првпат со моите студенти да настапуваме во странство. Не знаат ниту студентите како би реагирала публиката која не е од Кина затоа што, сепак, станува збор за специфична, традиционална музика и традиционални инструменти. На крајот испадна дека поради аплаузот што го добивме од македонската публика, нашите земји воопшто не се далечни. Иако сме со илјадници и илјадници километри физички оддалечени, сепак, ние сме толку блиски. Од друга страна, прекрасната организација на фестивалот „Охридско лето“ им овозможи на студентите да свират толку опуштено и да се чувствуваат како дома, вели професорот Лиу Шун.

Кинеските студенти, додека музицираа на своите инструменти истовремено играа и со своите тела на подиумот, покажувајќи дека го доживуваат ритамот.

– Овие не се какви било студенти, туку тие се професионалци затоа што ги свират своите инструменти од три-четиригодишна возраст што значи дека најмладите од нив веќе имаат најмалку 10-годишно искуство и затоа систематски се научени да уживаат во ритамот и во она што го свират, додава Шун.

Кинеските учесници на „Охридско лето“ приредија вистинско изненадување со македонските композиции, „Македонско сирто“ и „Чамче“. Иако, според нивниот професор Шун, им било потешко да влезат во шема со македонската музика бидејќи не се научени на ваков ритам, сепак, тие со задоволство ги отсвирија избраните дела.

Дел од студентите, како што појаснува професорот, до нивното доаѓање во Охрид немале претстава за високото реноме на „Охридско лето“, но министерството за култура на Кина и професорите по музика биле добро запознаени со фестивалот.

-Бевме поканети од „Охридско лето“ и од Министерството за култура на Република Македонија да одржиме концерт на фестивалот и ова беше извонредна прилика младите студенти од нашата земја да се дружат со младите студенти и идни професионалци од Македонија. Повеќето од нив можеби не слушнале за овој реномиран фестивал се’ до настапот, но професорите, а исто така и нашето Министерство за култура се добро запознаени со високото реноме на „Охридско лето“. Овој фестивал е точно во согласност со она што ние го промовираме во областа на културата во нашата земја, истакна професорот Лиу Шун.

Камерниот оркестар ЕЛК е еден од најквалитетените музички ансамбли и токму затоа е избран од страна на Министерството за култура на Кина да ја промовира кинеската култура во светот.