Новост

Концерт за виолончело и пијано вечерва на „Охридско лето“

21.07.2021

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Целовечерен концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот  ќе имаат рускиот виолончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева.

Кирил Родин е роден во Москва.Учи во музичката школа „Гнесин“ по што следат студиите на Московскиот конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја. Во 1984 и 1986 година е добитник на први награди и златни медалји на натпреварите на Музичка младина во Белград и на VIII Интернационален натпревар „П. И. Чајковски“. Неговата кариера како солист ја гради со настапи со врвни светски оркестри и диригенти: Гергиев, Федосеев, Дутоа, Горенштајн, Овчиноков и многу други, а настапува во повеќе од 40 земји во светот. Како камерен музичар е член на триото „Брамс“ и на ансамблот „Пјацола студио“. Неговите бројни снимени материјали вклучуваат  дела од:  Бах, Бетовен, Хајдн, Григ, Паганини како и од руските композитори: Рахмањинов, Аренски, Римски-Корсаков, Шостакович и многу други. Кирил Родин е член на жири комисии на интернационални натпревари во Русија и ширум светот, а денес напоредно со солистичката кариера е и  професор на конзерваториумот „П. И. Чајковски“ и редовен гостин-професор на Конзерваториумот во Пекинг, Р. Кина.

Пијанистката Жени Захариева е присутна на светските концертни сцени повеќе од 60 години. Кариерата ја води во бројни концертни сали во Европа, САД, Азија и Африка, а за нејзините уметнички достигнувања и придонес кон културата носител е на голем број исклучителни признанија како „Кристална лира“ за врвни уметнички достигнувања, Државната награда на  Р. Бугарија доделена за заслуги кон нацијата и државата, наградата „Златен век“ за придонес во бугарската музика и култура, највисокиот француски орден доделен за достигнувања во културата и уметноста, како и признанија од  Јапонија и  други земји. Настапува со голем број светски оркестри и диригенти меѓу кои: оркестрите во Хаг, Амстердам, Лиеж, Москва, Сингапур, Софија и многу други под диригентската палка на: Вероника Дударова, Томас Зандерлинг, Инго Мецмахер и бројни други бугарски и  странски уметници. Нејзините изведби се снимени на повеќе носачи на звук за компаниите “Carousel” – Лондон, „EMS“ – Брисел, „AVM Classics“ – Лондон, „Veton“ – Ротердам, „Gema“ – Берлин, „Heritage Society“ – САД и „Балкантон“ – Софија.