Новост

РЕЦЕНЗИЈА: Концертна вечер со уметниците Кирил Родин на виолончело и Жени Захариева на пијано

22.07.2021

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Руските уметници уште од самите почетоци претставувале носители на значаен дел од програмите на фестивалот „Охридско лето“. И овојпат, објавата за гостувањето на рускиот виолончелист Кирил Родин во пијано придружба на пијанистката Жени Захариева од Бугарија, побуди интерес и на синоќешниот концерт донесе публика која ја исполни црквата Св. Софија, во согласност со дозволените прописи. Сериозната програма со акцент на три сонати за виолончело и пијано беше дополнителна назнака дека ќе слушаме сериозен концерт. Зашто сонатните вечери во основа претпоставуваат посветеност и сериозен пристап кон сложената музичка материја.

Концертот започна со најава на виолончелистот Родин за дополна во програмата со „Арија“ од Баховата трета Свита, во чест на великиот руски челист Мстислав Ростропович но и како инспиративен миг од присуството во црквата Св. Софија. Веројатно нема поубав начин да се изрази восхит и почит кон неприкосновено најголемото богатство на „Охридско лето“ – акустиката во Св. Софија. Аријата навистина беше своевиден духовен вовед во концертот.

Двоставачната Соната во А-дур од Луиџи Бокерини во продолжение, уметниците ја изведоа во прикладен „галант“ – стил со сите потребни обележја, важни да се долови елеганцијата и господственоста на италијанскиот ранокласичарски манир. Во цврст ритмичен, а сепак кокетен пулс и јасна дистинкција меѓу солистичката делница на челото и „акомпаниментот“ на пијано, Кирил Родин и Жени Захариева покажуваат дека се работи за уметници кои со речиси научна студиозност се нурнуваат во музичкото ткиво.

Кон уникатната Соната во а-мол од романтичниот мелодичар Франц Шуберт, ќе потенцираме дека уметничкиот пар Родин – Захариева во позадината на поетичната интерпретација го пренесоа загубениот звук на архаичниот инструмент од деветнаесеттиот век арпеџоне (исправената гитара со гудало) за кој ова дело е изворно создадено. Забележлив беше изборот на „воздржано“ темпо, кое уметниците „го оправдаа“ со доловување вокална слика во изведбата на Шубертовата лирика. Неодминливо е тие инструментални структури да се интерпретираат низ призмата на неговите соло песни. Ќе ја истакнеме нашата перцепција за камерното дуо Родин Захариева како спој на две изразити и по многу основи разнородни уметнички индивидуалности кои заедно сочинуваат интересна и во повеќе слоеви уникатна уметничка целина. Брамсовата прва соната пак, во која се вткаени две теми од „Уметноста на фугата“ и ја одразува неговата наклонетост кон полифонијата на Бах, сепак преобликувана во комплексноста на доцниот романтизам, секако беше претставена како возвишение на концертот. Моќната и густа фактура – одраз на Брамсовото тежнение да ги соедини најсложените хармонски и формообразувачки специфики на сонатата и фугата, делниците на виолончелото и пијаното кои од солистите изискуваат внимателно усогласување на фразите и компактност, уметниците повторно ја пренесоа секој со свое лично видување и израз. Искусната пијанистка ни понуди привилегија да слушаме уметник во зрела творечка и животна фаза, во чија изведба се „гледаат“ годините на перманентна потрага по скриените длабочини на пијаното и неговиот совршен тон. Во интерпретацијата на Жени Захариева се чувствува енергијата на некои минати времиња во која добро упатените го препознаваат напластеното знаење од теориски дисциплини и од историскиот контекст на изведуваните дела. Од друга страна, таа наполно му дава простор на виолончелистот Родин да доминира со неговата поетичност и гласовно обликувана визура во делницата на виолончелото со што тој води главен збор. Заедничката креација на виолончелото и пијаното е богатство од звучни бои и рафинирани звучни ликови кајшто и пренагласените ритмички агогики, со неверојатна усогласеност се движат во еден здив.

Со намера да го заокружат концертот со руски призвук, уметниците ги изведоа композициите „Пецо капричиозо“, Ноктурно и „Сентиментален валцер“ од Петар Илич Чајковски. Со очигледна леснотија покажаа дека во Чајковски „лагодно се чувствуваат“ и таа естетика многу им прилега на сензибилитетот но и на техничката подготвеност.

Куриозитет: Кирил Родин во 1999-та година прв пат гостувал на Охридско лето. Дваесет и две лета подоцна, концертната програма изведена тогаш – речиси целосно пресликана во синоќешниот концерт. Толкувањето кон фактов е оставено секому по волја!

Викица Костоска Пенева – музиколог