Новост

РЕЦЕНЗИЈА: „Летна фантазија“ со саксофон, кларинет и пијано

20.07.2021

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

…Имаше целосна симболика во првата „Концертна пиеса“ што ја слушнавме на синоќешниот концерт, која Феликс Менделсон ја создал заедно со неговите пријатели, кларинетистите Хајнрих и Карл Баерман, инаку татко и син… Оваа светла и ведра салонска композиција од раниот романтизам го наговести карактерот на концертот што го приреди нашиот прочуен кларинетист и саксофонист Стојан Димов на годинешново Охридско лето, со гостување на неговиот син Нинослав Димов а во придружба на заедничкиот пријател и колега, пијанистот Дино Имери. Тројцата музичари, секој за себе високо профилиран уметник на својот инструмент покрај камерното музицирање, ги спојува и евиднтно дефиниран вкус за исти жанрови и начин на интерпретација, а сето тоа очигледно произлегува од взаемното разбирање и пријателство. Концертот – мозаик од разнолики стилови, комбинации од кларинети, саксофони и пијано, дополнет со еуфорична и шармантна интерпретација на низа нагласено виртуозни и сложени композиции во целост го потенцира уметничкиот лик на исполнителите, и отворено ја покажа супериорноста со која ги владеат своите инструменти. Оттука, а имајќи ја дополнително на ум богатата концертна дејност на уметниците, навлегување во некаква детална анализа на техничките изведбени аспекти е беспредметна.

Она што го обележа концертот несомнено беше програмскиот концепт кој во голема мера го одразува сензибилитетот на уметниците и целта што сакаат да ја постигнат кај публиката. Во случајов Стојан Димов, музичар со светска кариера, следен од помладите но не помалку уверливи Нинослав Димов и Дино Имери, замислија „Летна музичка фантазија“ која ќе ја релаксира публиката на Охридско лето, а во исто време ќе ја фасцинира со нивните изведувачки „вратоломии“ на кларинет, сопран, тенор и алт саксофон и пијано. И наполно успеаја во тоа. Ќе потенцираме дека ваков атрактивен и допадлив концерт воопшто не ја намалува вредноста на уметничкиот чин. Но се разбира, исклучиво кога станува збор за посебно креативни уметници, кои покрај музичкиот дар поседуваат високо изграден виртуозитет. Покрај Менделсон, слушнавме три чудесни и брилијантни „арабески“ од унгарскиот современ композитор Бела Ковач и самиот извонреден кларинетист.  Во „омажите“ на Де Фаља, Штраус и Гершвин со директни алузии на нивните специфики, фламенко, валцер и блуз, во изведба на Стојан Димов на кларинет тоа што ни се наметна како импресија е фасцинацијата на уметникот од духовитите, скерцозни композиторски решенија. Тој со изразита сугестивност учествува во креацијата на пиесите, зашто очигледно целосно соодветствуваат на неговиот динамичен темперамент. Во сличен, а сепак доволно автентичен манир, Нинослав Димов неверојатно прецизно и експлозивно ги изведе исклучително комплексните и атрактивни композиции „Пчели“ од италијанскиот композитор Антонио Паскули и „Раг“ од туниско-францускиот композитор Жан Матитиа, создавајќи еуфорична енергија која не ја остави рамнодушна публиката во Св. Софија. Во камерните трио-нумери, уметниците дополнително донесоа медитативност и меѓусебно тонско прелевање на импресионистичкиот колорит во уникатниот „Фаун“ од Дебиси, но и инвентивни импровизации во стилот на „smooth jazz“ во Сонатината од американскиот саксофонист и композитор Фил Вудс, со што пак целосно навлегоа во сферата на џезот. Понесени пред сé од сопствениот творечки занес и еуфоричниот одзив на публиката, уметниците на крајот од овој „галоп – концерт“ ни подарија два биса во доследен стил – фолклорните  „Поздрави од Балкан“ на Ковач без чиј призвук веселата ревија немаше да биде комплетна и сосема за крај, „Сентименталната Хабанера“ која ни го дополни впечатокот за извонредниот пијанист Дино Имери, овој пат во улога на автор.

Тоа беше енергично претставување на нашите, а светски уметници после принудната речиси двегодишна концертна пауза на сé она што тие го умеат и сакаат.

Ја поздравуваме идејата на уметничкото раководство на фестивалот Охридско лето да им остави простор на уметниците инвентивно да го осмислат својот настап, да создадат лична творечка визија која внесува свеж здив во програмските содржини на Охридско лето а со тоа го проширува составот на фестивалската публика.

Викица Костоска Пенева – музиколог