
Вадим Глузман- виолина , Израел; Евгениј Синајски -пијано, Русија/Австрија
ВАДИМ ГЛУЗМАН – виолина
Признаен во светот како еден од најдобрите изведувачи на виолина, Вадим Глузман е препознатлив по неговите интерпретации кои им даваат нов облик и страст на виолинските дела од златната ера на 19 и 20 век. Широкиот репертоар на овој музичар вклучува бројни современи композиции, а неговите ексклузивни снимки за „БИС рекордс“ му носат бројни награди.
Глузман настапува со сите водечки оркестри во светот под диргиентските палки на Туган Сокхиев, Неме Јерви, Рикардо Шаји, Хану Линту, Михаил Јуровски. Настапува на фестивалите во Равинија, Танглвуд, Грант Парк, на Би-би-си Промс, како и на неговиот фестивал за камерна музика во Норт Шор кој го основа во 2011 година. Оваа сезона ќе оствари настапи со оркестарот „Гевандхаус“ во Лајпциг, оркестарот во Упсала, Тајпеј, со оркестрите во Бохум, Тампере и со оркестарот на НДР во Елбфилхармонијата во Хамбург, како и со Оркестарот Кастиља и Леон, оркестарот „Бетовен“ во Бон, Баварскиот радио оркестар и Камерниот оркестар во Штутгарт, настапи кои ќе ги диригираат: Џејмс Гафиган, Туган Сокхиев, Тунг-Чие Чуанг, Метју Холс, Елиаху Инбал, Хју Волф и Рут Рајнхарт. На камерната сцена ќе настапи со Јоханес Мозер и Андреи Коробејников, како и со неговиот дуо партнер Евгениј Синајски. Во улога на диригент ќе настапи со камерниот оркестар „Про музика“ во Колумбус, Охајо каде оваа година е креативен партнер и прв гостин солист.
Глузман премиерно изведува дела од Софија Губаидулина, Мориц Егерт, Гија Канчели, Елена Фирсова, Петерис Васкс, Мајкл Доерти и Лера Ауербах. Во сезоната 2023/24 премиерно го изведува Третиот концерт за виолина и оркестар од Ерки-Свен Тур со радиооркестарот во Франкфурт.
Наградите за неговите изведби вклучуваат „Златен дијапазон“, наградата на уредникот на списанието „Грамофон“, Диск на месецот на списанијата „Страд“, „Би-би-си мујзик“ и „Класик ФМ“.
Глузман е резидентен уметник на Конзерваториумот „Пибоди“ каде предава виолина.
Свири на легендарниот инструмент Страдивари „екс Леополд Ауер“ изработен во 1690 година кој му е даден на користење од Здружението „Страдивари“ од Чикаго.
Евгениј Синајски – пијано
Роден во познато музичко семејство во Санкт Петербург, пијанистот Евгениј Синајски денес е еден од најбараните камерни музичари и педагози во Европа.
Синајски е професор по камерна музика и официјален корепетитор на Виенскиот конзерваториум, а предводи и класа за дуо на Високата школа во Есен, Германија. Соработува со бројни етаблирани музичари и педагози како: Херман Креберс, Борис Кушнир, Шмуел Ашкеназо, Хелмут Зетмаир, Хато Бејерле, Вадим Глузман, Стефан Пикард, Латица Хонда Розенберг, Јенс Петер Маинц, Александер Хуелшоф, Александар Земцов, Михаел Кугел, Иван Монигети и Кирил Родин со кои свири и соработува на мајсторски курсеви низ светот.
Има настапувано со Московската филхармонија, Летонскиот камерен оркестар, Оркестарот на Бољшој во Минск и др. Редовно настапува во некои од најпрестижните концертни сали како: Концергебау во Амстердам, Музикферајн во Виена, салите во Дизелдорф, Брисел, Москва и Санкт Петербург. Во 2008 година настапува во Франкфуртската опера, а во 2010 год. на фестивалот во Салцбург.
Победник е на повеќе меѓународни натпревари меѓу кои оној на АРД во Минхен, натпреварот „Шостакович“ во Хановер, како и на натпревари во Холандија, Латвија и Русија. Неговите снимки ги издава „Грамола“, а неговите концерти се пренесувани од Би-би-си, ОРФ, Баварското радио, како и од радиостаниците во Италија, Словенија, Русија и др.
Како педагог, Синајски одржува бројни мајсторски курсеви во Германија и Франција, а официјален пијанист е на натпреварите „Виењавски“ и „Липицер“. Од 2002 до 2010 година предава камерна музика на Конзерваториумот „Н.Р. Корсаков“ во Санкт Петербург.
Евгениј Синајски го започнува образованието во Рига, а во 1987 година е примен во класата на проф. Марина Волф во Специјалната школа за талентирани деца во Санкт Петербург, па продожува да студира на конзерваториумот во овој град, каде и дипломира во 1997 година. Неговиот музички развој особено го одбележуваат соработките со професорите Софија Вакман, Тамара Фидлер и Сергеј Урувајев.
Евгениј Синајски ги продолжува постдипломските студии на Кралскиот конзерваториум во Хаг, во класата на Наум Груберт каде се здобива со титула магистер во 2003 година.