ПРИЗНАНИЕ НА УМЕТНИЦИТЕ, ПУБЛИКАТА И ФЕСТИВАЛОТ ,,ОХРИДСКО ЛЕТО”, 2020 – година – Втор дел

Голема благодарност до сите љубители на музичката уметност и сите читачи на концертните приказни од фестивалската приказна „Охридско лето“, 2020 година.
Почитувани!
Ви се обраќам, со особена почит, за вашето следење на фестивалот и вашата поддршка, многу значајни за уметниците – изведувачи, но и за мене – како нивни раскажувач. Уметниците го заслужуваат најголемото внимание, зошто: наградните аплаузи – траат неколку минути, сензацијата – трае неколку денови, додека пишаниот збор е траен белег за нивниот настап и остварената уметност.
Музиката, создадена и дарувана токму од нејзиниот Творец, до нас ја пренесуваат неговите гласници: композитори и изведувачи. Нејзиниот универзален јазик, со бескрајна моќ и влијание, има единствен универзален превод, разбирлив за сите, а се вика Љубов. Тоа ја прави музиката возвишена, а нејзините гласници се избраници од бескрајната интелегенција. Нив, со најголем благослов им е дадена значајна мисија, во која секој се внесува со љубов и со љубов се изразува. Таквите претставувања заслужуваат со љубов да ги поддржуваш и со љубов да зборуваш за нивното остварено дело. Само тогаш музиката е вистинска и чиста. Секое друго толкување е искривување на нејзината естетска вредност.
Мир и љубов!
Голема благодарност до фестивалот ,,Охридско лето” и неговиот директор г-ѓа Наташа Поповиќ
Импресии од концертните настани од професор Павлина Нечевска Јосифова
ГУДАЧКИ КВАРТЕТ ,,ДИСОНАНС”, СЛОВЕНИЈА
ЈАНЕЗ ПОДЛЕСК-прва виолина
МАТЈАЖ ПОРОВНЕ-втора виолина
ОЛИВЕР ДИЗДАРЕВИЌ-виола
КЛЕМЕН ХВАЛА-виолончело
КОНЦЕРТ – ,,DISSONANCE”
Името на гудачкиот квартет прилега најприродно, со нивната оригиналност и во дејност, така што овој концерт го нарекувам – „Дисонанце” („Dissonance”).
Квартетот понудија квалитетна програма од четворица-реномирани автори, обединети во извонреден-взаемен циклус. Сите тие имаат инспиративно влијание и комуникација со нивната земја.
Изведувачите, со студиозниот однос и подготвеност, авторитетно се наметнаа како национални уметници од Словенечката Филхармонија. Тие, своето професионално делување го обединиле во врвот на Камерната музика- Гудачкиот квартет, со брилијантен печат.
Во Камерната соната на Тартини, со извонредна содржина и технички средства, типични за неговиот препознатлив израз, го донесоа авторовото расположение, низ борба меѓу:
– духовното – световното,
– традицијата – љубовта,
– Верачини – Вивалди,
– манастирски, сокриен живот или живот во дом со семејна љубов …
Низ сите ставови, многу успешно прозвучи авторовиот профил, во визуелна, програмска, разрешницата, на мирот и љубовта.
Кулминацијата, во првиот дел од концертот, беше остварена со словенечкиот композитор и диригент, Лојзе Лебиц, со неговиот маестрален гудачки квартет.
Ако во класичната литература, Брамсовиот виолински концерт е наречен – виолински грч во три става или концерт против виолината, тогаш, во модерната камерна литература, овој квартет го добива атрибутот – гудачки грч, во камерен циклус.
Уметниците на Dissonance, ослободени од реализираните-технички мајсторски предизвици, низ лепеза на сите артикулациони грифови, упеаја, во целост, да го наметнат авторовиот портрет.
Возрасниот автор, со сите авангардни заплети и расплети, низ јасната форма, неколебливо, со воедначена дијалогиризирана интерпретација, го доживеавме со многу восхит, достоинство и почит.
Оваа изведба, отварајќи ги железните порти на новиот свет, ја профилира вечната младост на авторовиот темперамент, со одлична студија, но и со извонредно познавање на гудачките расположливи средства.
Поклон и благодарност на авторот и неговите Амбасадори од Dissonance.
Изведувачите, во вториот дел, со особено внимание, ни го отсликаа Хуго Волф, со изразит сјај и расположенија. Тие беа присутни низ целосниот колаж на серенадата, која иако е вечерна музика, со нејзиниот остварен раскош, го донесоа блесокот во храмот и будното задоволство кај публиката.
Бетовен, последниот автор, величествено го доживеа својот 250-годишен јубилеј.
Уметниците, со сериозна задача, имаа јасна концепција; со прецизно лидерство и сугестии – кај првата виолина, брилијантни дијалогизирања – кај втората виолина, кои кај виолата и виолончелото – прераснуваа во значајни, драмски кулминации. Сите изведувачи беа подеднакво обединети, како што доликува за авторитетот на Бетовен.
Квартетот е пишуван во моментот на авторовиот очај за љубовта кон Тереза Малфати, со Дантеовото мото.
Успешната изведба, низ: страданијата, конфликтите и повторно финалниот оптимизам, ја остварија авторовата состојба, од неговото владеење со најголемата енергија и неговиот нескротлив дух.
Бетовен, со таквиот интензитет, ќе ја оствари кулминацијата на вечното богатство во гудачкиот квартет, во следните опуси.
Dissonance, со најголем изведувачки манир, ни ја пренесоа пораката на најголемите христијански философи: простувањето и љубовта – главната формула во творештвото на Бетовен.
Концерт за почит и авторитет.
Благодарност до уметниците и фестивалот ,,Охридско лето”

„МЛАДИТЕ ОСВОЈУВАЧИ НА КОНЦЕРТНИТЕ ПОДИУМИ ОД ФЕСТИВАЛОТ”
КОНЦЕРТИ НА:
ДИМА ТКАЧЕНКО – виолина, Украина; РОМАН ЛОПАТИНСКИ – пијано, Украина
ПЕТРИТ ЧЕКУ – гитара, Косово/Хрватска
ФУКИО САКСОФОН КВАРТЕТ – Шпанија
ХОАКИН САЕЗ БЕЛОНТЕ, ХАВИЕР ЛАРСОН ПАЕЗ, ХОЗЕ МАНУЕЛ БАЊУЛЗ МАРКОС, КСАБИЕР КАСАЛ АРЕС
Музиката, како и останатите творевини, отсекогаш имала стремежи да ги достигне своите врвни остварувања. Таа, за разлика од другите, ја има привилегијата за нејзино јасно и гласно огласување, за своето создавање и владеење. Таа, со тоа, успева да ги собере сите благослови и величења, та дури и од нејзиниот извор – Творецот. Гласниците на музиката, низ сите генерации, заради нејзината транспарентност, не успеваат да ги сокријат нејзините содржини и интерпретации. Благодарејќи им на нив; образовните институции и концертните подиуми, во нејзиното интерпретирање, се кристализираат високите критериуми за нејзиниот пласман, како плод на размена на искуствата, низ генерациите на изведувачи.
Фестивалот „Охридско лето“, како што секоја година ги отвора вратите за младите Амбасадори на музичката уметност, така и оваа година им отстапи простор во неговата програма. Младата генерација на уметници, за кои ќе стане збор во овој напис, како и веќе споменатите во претходните концертни приказни, на своја предадена и голема одговорност, ги презедоа сите обврски од своите ментори, вградувајќи го својот престиж, на сите планови, во музичките остварувања.
Младите уметници, (ќе ги претставувам според нивните настапи), со своите изведби, ги освоија сите пофални атрибути и одушевувања од публиката на фестивалот. Со својот настап, сите тие, оставија печат на висок професионализам, како резултат на нивниот сериозен едукативен плод и нивното сериозно потфолио. Сите тие потекнуваат од најпрестижни школи, негувани низ мајсторските – вајарски работилници, наследствата од традициите на нивните средини, како и нивните концертни промоции, низ многу фестивали и натпревари. Тие, од сите учества, доаѓаат со освоени признанија за нивниот пласман, благодарејќи и на нивната врвна изведувачка дејност.
Токму таквата генерација, на овогодинешниот фестивал, ги донесе светските дострели кај нас, со кои, одлично се вклопија во соѕвездието на фестивалското небо. Нивниот настап, долго време ќе биде означен со нивниот изнијансиран и забележлив сјај.
Солисти од Украина: Дима Ткаченко – виолина и Роман Лопатински – пијано, беспрекорен камерен настап, кој претстави еницклопедиски врв на музички приказ, од најголемите мајстори на камерната музика, Л. В. Бетовен и Ј. Брамс. Тие, извонредни во своите улоги, ослободени и понесени низ цикличните приказни на делата, создадоа музички континуитет, кој започна од првиот такт, на првиот став, кој низ совршена целина, заврши во последниот акорд, на финалниот став.
Маестралноста и привлечноста на К.Сен – Санс и П.Де Сарасате, им ги извлекоа сите тајни во интерпретацијата, без никакви двоумења, во еден здив, на кој што публиката во ниеден миг не остана рамнодушна. Најважното од сè е тоа што тие беа апсолутни господари на уметноста, која царува и владее со сите присутни. Возбудливо прекрасни!
Солист од Косово/Хрватска: Петрит Чеку – гитара.
„Кога ја открив книгата ‘Бугер’, објавена во Германија, наидов на делови од Бах, инспирирани за лаута. Ова откритие ме исполни со ентузијазам и сакав нешто од тоа да интерпретирам на концертите, што тогаш требаше да ги одржувам. Пријателите ми велеа дека не може да се свири Бах на гитара, но јас не ги послушав. Си реков, ако се лажам, подобро да се лажам сам…“
„Кога за прв пат авторот ќе слушне дека едно од неговите дела е отсвирено на гитара, тој од тој момент не сака веќе да пишува за друг инструмент. Така, Кастелнуово компонираше околу сточетириесет дела. Потоа да ги споменеме и Тарега, Турина, Танзман и Вила-Лобос. Сите тие и понатаму продолжија да пишуваат за гитара… Но, Тарега беше првиот…“
Андре Сеговиа
Пораката на најголемиот автор и мајстор – кралот на гитарата, Андре Сеговиа, е усвоена формула за успехот на Петрит Чеку, нашата годинешна светла ѕвезда. Во неговото солистичко обраќање тој го претстави својот инструмент единствено само со сопствен – гитарски печат, иако во програмата имаше литература од; виолончело, пијано и вокалната традиција. Во ниедна интерпретација тој немаше претензии да ја усвои и пренесе нивната копија, туку напротив, ја истакна бескрајната моќ на гитарата, која може да царува над сите инструменти. Тој и неговите современици се амбициозна генерација, која, ги освојува највисоките кулминации по планинските патеки, кои не нудат многу поддршки, како што е тоа кај останатите инструменти, кои минуваат по веќе трасирани, професионални патеки.
Во концертната програма беа авторите од величествената трилогија на; барок – класицизам – романтизам.
Бах, најголемиот предизвик и авторитет, низ целосниот циклус беше маестрално изведен, со особен однос кон полифониот израз, и со остварувањето на сите музички белези на стилизираните игри од свитата.
Од клавирското творештво на класичните великани, Моцарт и Бетовен (во аранжман на изведувачот), солистот направи возвишена уметност, во која без никакви приспособувања во аранжманите, тој многу знанствено и целосно ја изведе содржината од нивното твотештво, но овој пат исклучиво со гитарски израз. При ваквата интерпретација, се добива впечаток дека авторите, како што кажува и Андре Сеговиа, го создале творештвото единствено за гитара, а не за пијано.
Гитаристот Чеку, не помалку, беше значаен во распеаниот романтичарски сјај, остварувајќи го со бисерите од творештвото на Лист и Шуберт, со кои ја заокружи трилогијата на автори.
Гитаристот не би бил гитарист, без сопствениот репертоар, создаден од големите творци на гитарата. Во неговото наградно – бис обраќање, со голем пиетет го изведе делото „Сеќавањата на Алхамбра“, од Франциско Тарега, еден од најсветлите бисери во музичката литература, воопшто.
Извонредно прекрасен!
Концерт од Шпанија: Ансамбл „Фукио саксофон квартет“, солисти Жоакин Саес Белмонте – сопран саксофон, Ксавиер Ларсон Паез – алт саксофон, Хозе Мануел Бањулс Маркос – тенор саксофон, Ксабиер Касал Арес – баритон саксофон.
Овој концерт, јас би го нарекла „Совршена компакност“, на изведувачи со одличен професионализам, со бескрајни можности, обединети во совршена целина. Тоа е резултат на нивниот; многу привлечен талент, многу сроден темперамент и совладани технички изрази, како резултат од нивната совршена едукација. Тие, иако релативно млади, се наметнаа со своето огромно изведувачко искуство. Додека ги слушате изведувачите, за миг затворете ги очите и ќе имате впечаток дека на подиумот, пред вас, се случува совршена уметност, остварена од еден единствен изведувач, со четири глави. Во тој момент ништо не ви преостанува освен да го замислите Творецот на универзумот и на сите суштества во Хиндускиот пантеон – Брахма, кој во митологијата е секогаш претставен со четири глави. Дефинитивно тоа е боженство, кое во нивното претставување Ни ја остварија хармонијата на синергијата. Највосхитеното се случуваше кога ќе ги отворите очите и пред вас вистински гледате дека сепак се тоа четири изведувачи, кои доаѓаат од исти светови и со еднакви универзални задачи. Само тогаш сте сведоци на нивното вистинско посторње со нивната бескрајна моќ. Во нивната интерпретацијa, низ воедначените регистри од нивните инструменти, имате впечаток дека ги свират сите инструменти, кои ги сокриле во своите саксофони. Со колоритноста на инструментите, која ја украле и ја пласираа, ги обои сите дрвени дувачки инструменти и инструментите од гудачкиот квартет.
Во програмот, беспрекорно изведен, беа застапени автори од сопствениот репертоар, но и од репертоарот на гудачкиот квартет, реперот на камерната музика. Во нивната интерпретација прозвучија сите дувачки грифови и сите гудачки штрихови и гудала, но овој пат, со боженствениот, „Фукио саксофон квартет“.
Кругот на автори од концертот го затворија со бисот од нивното национално богатство Мануел де Фаља, остварувајќи свој печат, низ сопствен темперамент, изведувачки манир и жар на шпанската традиција, како легитимитет за својот заеднички свет од каде што и доаѓаат.
Фантастично прекрасни!
Бескрајната уметност има и бескрајни патеки низ кои само избраните гласници можат да ја видат и прифатат светлината. Само тие можат да говорат со јазикот на бескрајната интелигенција – Творецот.
Благодарност на сите изведувачи од концертите и фестивалот „Охридско лето“.

НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТ
ГАЛА КОНЦЕРТ И ПРЕМИЕРА НА СПЕКТАКЛОТ БОЛЕРО
„СЦЕНСКИ ПРИКАЗНИ“
ДИРИГЕНТ: БИСЕРА ЧАДЛОВСКА
КОРЕОГРАФ: САША ЕФТИМОВА
„Уметноста е најсигурно средство со кое човекот се издвојува од светот, но и се обединува со него“ (Пуркалис)
Оперската и балетската уметност се највосхитните музички драми, во кои уметничкиот раководител – диригентот, ги обединува сите нивни составни ансамбли, со љубовта од публиката. Сите тие успеваат, со моќта на драмската креативна енергија, да влезат во светот на совршеноста.
Примадоната Ана Липша – Тофовиќ, патронот на фестивалот „Охридско лето“, ја задолжи својата професионална – матична куќа, сега НОБ, да биде достоен репрезент со своите уметности, во програмата на престижниов фестивал. Таа, во јубилејнава година, е лајтмотив во вокалните концерти од: Свеченото отворање на фестивалот и Гала концертот на НОБ.
Настанот ,,Сценски приказни” беше исполнет со музички и балетски програм. Учесниците во музичката програма се претставија со: оркестарска, солистичка и камерна литература, од железниот репертоар на авторите: Бизе, Пучини, Чилеа, Чајковски и Моцарт, и Равел во балетската програма, под диригентство на Бисера Чадловска, сјајниот бисер на вечерта.
Комплексните форми од разнородни учесници: вокални солисти, оркестар и балетски изведувачи, ставени пред предизвикот – уметнички живот во ново руво, низ широко поставена и раскршена сцена, за диригентката не претставуваше никаква закана од нарушена комуникација и раководење. Таа, со својата целосна професионалност, низ остварувањето на живата уметност, доминираше со постојана сугестивна активност, извлекувајќи го најдоброто од своите уметници. Драмските слики од концертот, се менуваа низ концертната изложба, осветлени со бисерниот сјај од диригентот.
Оркестарот, воден од одличниот и искусен концертмајстор Верица Ламбевска, поставен според сите протоколи како би одговорил на актуелните предострожности, беше во нови и неприродни позиции. Тој, низ широкиот простор на изведувањето, успеa да го реинкарнира својот музички живот, во тврдината на уметноста „Долни Сарај“. Љубовта и жедта за музиката, не само што ја врати нејзината изгубена душа од просторот низ пандемиското талкање, туку ги врати сиот сјај и енергија, како тие воопшто да не биле изгубени.
По оркестарското – воведно расположение, следуваа солистички и камерни настапи од уметниците, поддржани со тонското озвучување и извонредното – магионичарско раководење на диригентот.
Учесници – вокални солисти:
Ѓорѓи Цуцковски – тенор, авторитетен драмски тенор, со очекувана постојаност, која ја оправда преку својот технички израз, низ широкиот дијапазон, остварувајќи ги карактерите на главните улоги. Тој, со своите соло изведби и со изведбата во камерниот-солистички дует, на публиката И ја предаде сигурната, музичко – драмска креативност.
Сандра Митровска – сопран, помлад драмски вокал, во своето впечатливо претставување пласира: прекрасно фразирање – обоено со емотивен белег и драмска привлечност. Таа, успешно одговори, како во солистичкото, така и во нејзиното камерно обраќање, со успешно остварување на драмскиот ефект, од главните ликови.
Владимир Саздовски – бас, предодреден и привилегиран од басовата топлина, со својата уметност се наметна сестрано: како во солистичкиот, така и во камерниот – терцет настап. Саздовски, со неговата техничка стабилност, оствари ефектни сценски трансформации, многу привлечни и блиски до публиката, која ја исполни со расположение и задоволство.
Катерина Стојановска – сопран, се претстави со милозвучно камерно учество, во камерен терцет, но и со свој, успешен – облигатен настап, со дополнувањето и вокалното оплеменување, во извонредната оркестрација на Равел.
Премиерата на балетот „Болеро“, во одлична кореографија на Саша Евтимова, беше вистински доживеано со воодушевување. Шпанскиот темперамент, низ балетската приказна, беше магично претставен со страстните дијалогизирања меѓу младите и амбициозни изведувачи од ансамблот, сите подеднакво третирани. Двете теми од музичката форма на Равел, создадени од музички целина од по шеснаесет такта, наизменично повторувани, девет пати, успешно се прелеваа во креативната кореографија на сите солистички обраќања, без поштеда на ниеден од младите уметници, обоени со мерка на естетски вкусови. Богатата оркестрација, достигната низ напластено инструментално збогатување во континуитет, до крајната енергична градација, беше остварена со сите изведувачи: балетски и оркестарски. Тие целосно се предадоа да го остварат очекуваниот ефектен – спектакл.
Воодушевента публика водена низ сценските приказни на НОБ, беше сведок на обединети уметности, со моќта и владеењето на извонредните учесници, раководени од нивниот авторитетен диригент. Само тогаш уметноста успева да нè издвои од нашиов свет, од кој само заслужениот аплауз, успева, повторно да нè врати во него.
Благодарност на сите учесници на настанот на НОБ и до фестивалот „Охридско лето“.

ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА
ФЕСТИВАЛСКА ПРИКАЗНА ОХРИДСКО ЛЕТО 1961-2020
НАСТАН “ВЕЛИЧЕНСТВЕНА ИСТОРИЈА”
“Посматрајте го дрвото во шумата. Ќе видите, како неговите лисја, неговите гранки и неговите корени, работат хармонично, за да го развијат неговиот живот. Ни еден од неговите цветови не тежнее да ги засени другите, затоа што тие знаат дека се убави само во единство со своите другари. И, ако ги тргнете од гранките, тие ќе овенат и умрат.
Гледајте како плодот мисли само на тоа, да се предаде сам, како со љубов да го исполни делото, која му ја наметнува дрвото кое го носи………………..
Посматрајте ги капките на водата изгубени во океанот, чиј глас ја допринесува големата песна на таласите, а која, исто така, има свој дел во опуштената и непрекината работа, која работи, за еден ден да се откинат големи карпи од обалата.
Тогаш ќе ја почувствувате длабоката солидарност, која ги обединува сите битија: ќе сфатите дека мислите и желбите, кои ве ставаат спротивно и наоружени против другите, а всушност се лажна илузија, и дека злото кое се нанесува на другите, работи за себеси и своето суштинско битие, кое е само делче од една голема целина на сите битија на светот.”
Pierre Salet
Дрвото на животот и културата на Балканот се вика ФЕСТИВАЛ “ОХРИДСКО ЛЕТО”. Секое лето, низ 60-годишна берба тоа е репрезент на најдобрите плодови, создадени од плеада на врвни домашни и странски уметници од областа на музичката и драмската уметност.
Во изминативе децении, на секоја од гранките се нудат сочни плодови, кои ги вкусуваат големите почитувачи и вљубеници во уметноста. Сите тие, во взаемна синергија, создаваат хармонија на величенствена историја на возвишените уметности, со јазикот на бесконечноста.
Историите не секогаш се паметат. Нив, одамна, големите умови ги бележат во најразлични форми, како национално богатство низ генерациите.
Дирекцијата на Охридско лето, низ сите изминати години, со особена чест и одговорност, на јубилејните прослави изготвува сериозна монографија. Во неа се втиснуваат езерски одблесоци на фестивалските филиграни, како верно сведовштво на историските приказни.
Директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ, одговорна за издавањето на овогодишната монографија, и покрај актуелната пандемска состојба, го направи најмудриот избор за авторите на оваа публикација. Тоа се; Г-ѓа Снежана Анастасова-Чадиковска, која што многумина ја именуваме како Жани- енциклопедија и Г-ѓа Роза Нолчева-Ангеловска, енциклопедија во поново издание.
На промоцијата, пред бројната публика во предворјето на магичниот храм “Св. Софија”, сите ние присутните го имавме ексклузивното доживување на овој значаен настан на Величенствената историја, наречена “Фестивалска приказна”. Промотор беше Г-дин Милчо Јовановски, долгогодишен новинар, кој, со многу големо искуство; приватно и професионално, го следи фестивалот, и, како директор на Радио Охрид, најдостоинствено ги огласувал сите настани на фестивалот. Монографијата “Фестивалска приказна” очигледно виско котира според неговите критериуми, така што неговото воведно излагање беше точно со цитирање на воведната магија на трудот. Неговото задоволство, од создаденото богстство, беше многу очигледно, затоа што, со најтопли искази тој успеа кај сите нас, да го побуди интересот за фестивалската приказна. Воден од личниот однос, кој држи до пропагирање на боженствените вредности на Охрид и неговата традиција, како и квалитетите на фестивалот низ изминативе децении, со инзвонредна и пофална изведба, исполнета со најмелодични интонации, ни ги пренесе раскажаните страни од приказната.
Градоначалникот на Охрид, Г-дин Константин Георгиевски, со многу почит пред мозаикот Охридско лето ги искажа сите значајни доблести и задоволства за одржаната традиција на фестивалот, која оваа година е и автор на Величенствената историја.
Проф. Снежана Анастасова-Чадиковска, mycelium-от под дрвото на животот, низ сопствените повекратни дејности на фестивалот, ни ја раскажа неговата хронологија. Со тоа сликовито ја напои и ја поврза виталната вегетација на целосниот еко-систем, во сите бои на растителниот материјал. Таа е мојот mycelium, која ја познава длабината и душата на уметноста, литературата и, своето интелектуално богатство, несебично ни го илустрира на страниците на овој труд.
Другиот автор, Г-ѓа Роза Нолчева-Ангеловска, која е извонреден музиколог и продуцент, беше неколеблива во своите оригинални искази, со јасна и течна мисла, својствено за нејзиниот статус-енциклопедија во поново издание. Таа, водена низ личните контакти со Охридско лето, најодговорно пристапила во изготвувањето на овој труд. Целосниот процес на работата ни го претстави поаѓајки од припремите, сериозниот однос на самата работа до финалниот производ, при што се обрати со голема благодарност на сите стручни и технички соработници.
Вечниот труд, Фестивалска приказна, ја имам и запознавам неколку денови, при што моите восхити и задоволства ќе ме привлекуваат подолго време, истата да ја уживам и да и се насладувам. Таа сепак е дрво на животот и уметноста, чии плодови ни го хранат духовното тело.
Не случајно, додека трае фестивалот, патот ме води кон објектите на настаните, кои привлекуваат со магична светлина, зашто го осветлуваат патот кон Творецот на универзалноста, Бескрајната интелегенција, Создавачот на бескрајниот јазик на уметностите.
Голема блегодарност до авторите и дирекцијата на Фестивалот “Охридско лето”.

КОНЦЕРТ “АТАРАКСИЈА” – МАКЕДОНИЈА
ЉУПЧО МИРКОВСКИ – диригент, композитор
БОБАН МИРКОВСКИ – пијано
“Кој е разумен, е и умерен; оној кој е умерен, е хармоничен, не се возбудува; оној што не се возбудува, не тагува; оној што не тагува, е благословен. Затоа, претпазливиот е блажен, а претпазливоста е доволна за блажен живот.”
Сенека
Овогодишната програма на Охридско лето, покрај класичната традиција, Ни понуди два мајсторски концерти, од областа на модерните жанрови. Програма со нови естетски доживувања, достапна за широката публика.
Концертот АТАРАКСИЈА, со сериозна програма, врвно ја оствари пораката на старата грчка мудрост, да го постигни најдоброто за публиката, наградена со духовно богатство.
Одговорните за програмата и нејзината изведба, секако, им припадна на нашите големи музички изведувачи; таткото и синот Мирковски, со Ревискиот оркестар, чии изведувачи се наши уметници.
Изборот за концертните лидери на концертот, е од нашата национална музичка историја. Во семејството Мирковски, низ дамнешна хронологија, музичката пракса била секојдневие, која низ времепловот на четири професионални генерации, разбирливо, ја нуди кулминацијата, со солистот Бобан Мирковски. Гаранцијата за успешноста на соработката, и овој пат потврди дека спојот е проверена формула, на актерите што доаѓаат од исти светови.
Музиката на ХХ-от век, ги поставува темелите на модерните жанрови, со силно влијание од JAZZ-от. Овие нови тенденции извршија огромно влијание во творештвото на современите, класични композитори, но затоа пак Гершвин, ја донесува обратната тенденција; примена на високата композиторска техника на европската музика, во авангардниот JAZZ.
Солистот на концертот, Бобан Мирковски, е идеалниот спој меѓу сериозната класична практика и концертниот манир на идиомот JAZZ. Неговиот фундамент е резултат, како од генетското наследство и нега, така и од сериозното образование од своите реномирани педагози, низ целосниот едукативен процес.
Солистот, опремен со сиот изведувачки арсенал, со брилијантна сигурност и музичка креативност, во целост ја оствари приказната на “Рапсодија во сино”, Гершвин. Тој, предодреден и расположен во современиот манир низ целосниот концерт, со одлично дуализирање со диригентот и со членовите на ревискиот оркестар, успеа да ја задржи својата лидерска доминација, својствена за успешноста на солистичката моќ.
Љупчо Мирковски, диригент на концертот и автор на поп симфонијата “Атараксија”, сигурен во својот солист и сопствениот авторитет кон успешниот оркестар, со мајсторски расположенија ја оствари Атараксија-та во културната тврдина Долни Сарај. Симфонискиот циклус, низ јасната форма, прерасна во поп свита, низалка од бројаници на популарните бисери, кои со распеаните солистички и оркестарски остварувања, ги создадоа најдобрите музички приказни, кои ја полнеа и топлеа душата на восхитената публика.
Ветрот, секогаш присутен тука, танцувач на мизиката во неговото царство, Долни Сарај, успеа да ја прати пораката по патеката на Творецот, за остварената Атараксија, кај сите присутни.
Благодарност до изведувачите и организаторите на „Охридско лето“.

„ЕВРОПА ВО ОХРИД“
АРИАН БАКЕ – обоа, ТЕОДОР ЛАМБЕР – пијано, Франција
НОЕ ИНУИ – виолина, Белгија ВАСИСЛИС ВАРВАРЕСОС – пијано – Грција
МАСИМО МЕРЧЕЛИ – флејта ЛОРЕНЦО БАВАИ – пијано, Италија
БАХ ЗА ВАС – Чешка
КАМЕРЕН ОРКЕСТАР „„ЧЕШКИ ВИРТУОЗИ““
Музиката е уметност, наука и култура на еден народ, со која кореспондираат и се обединуваат сите светови, низ сите времиња, од постоењето. Универзалниот јазик на музиката, единствено разбирлив за секое опстојување, ја има бескрајната моќ и влијание, зашто неговиот вистински извор е Творецот – бескрајната интелигенција, а неговиот универзален превод се вика ЉУБОВ.
Фестивалот „Охридско лето“, низ 60-годишна традиција, го доби признанието Амбасадор на уметноста, во која се претставуваат бројни Амбасадори на уметноста, од нашата земја и од странство. Оваа година е само уште еден доказ дека фестивалот е почитувана Амбасада на уметноста, која заслужува внимание.
Јас, како раскажувач на концертните приказни од фестивалската приказна „Охридско лето“, со особено задоволство ќе ви ја раскажам и приказната за „Европа во Охрид“. Европските земји, почитувачи на уметностите, не само што ги испратија своите гласници на уметноста, туку нивните Амбасади, во нашата земја, беа организатори на нивните концерти. Амбасадорите од Франција, Европската Унија, Чешка и Италија, се обратија со голем респект кон фестивалот, како и задоволството од остварените преговори и соработка, со нашиот Амбасадор на уметноста, директорката Наташа Поповиќ. Музиката, како најголем медијатор меѓу обединувањето, ја имаше привилегијата да биде единствениот, заеднички јазик на концертните настани, со моќта на нејзиното беспрекорно и професионално претставување.
Сите концертни настани беа проследени од љубопитната публика, која претходно беше сведок на европските енергии, кои потекоа по теченијата на реките; Сена, Тибар и Влтава, кои своите речни корита ги пренасочија во Охридското езеро, носејќи ги со себе бисерите на нивните уметници од програмата на фестивалот.
Солисти од Франција: Ариан Баке – обоа и Теодор Ламбер – пијано, во своето претставување ги остварија сите очекувани и пофални авторитети, како за претставници од земја со најголема едукативна и изведувачка практика. Двајцата учесници поставија квалитет и висок професионализам, благодарејќи на нивното искуство, иако млади, да созреат низ творештвото од различни жанрови, различни автори и различни творечки периоди. Ослободени пред својот, мошне сериозен програм, со целосно техничко владеење, нè поведоа во широкиот романтичарски стил, местото каде што и духовно припаѓаат и успеаа најдобро да се идентификуваат со делата на; Р. Шуман, М. Дранишкова, П. И. Чајковски, Ф. Пуланк, С. Рахмањинов и А. Паскули.
Концерт во еден здив, со голем уметнички манир и расположение, кој најпривлечно ја освои публиката, оставајќи го уметничкиот портрет на младите уметници, како сјајно огледување на ѕвездите во храмот „Св. Софија.“
Солисти од ЕУ: Ное Инуи – виолина (Белгија) и Василис Варваресос – пијано (Грција), млади уметници со извонредно образование и остварена концертна дејност, пред бројната публика во храмот „Св. Софија“, ги донесоа најголемите авторитети од камерната литература: Бетовен, Коринголд и Франк, во голем сјај и темперамент, веднаш привлечен за публиката. Со програмата на концертот, предизвик за големите уметници, тие остварија една компактна сигурност низ јасната форма и содржина, проткаена со сигурни дијалогизирани учества. Во остварувањето на музичката концепција, уметниците ги постигнаа сите драмски кулминации и расплети, низ емотивната содржина, како одраз на нивниот млад и многу допадлив концертен сјај. Тоа беше концерт, во кој младоста ги постави критериумите на новите концепции на интерпретација, многу сочни и привлечни. Младите се прекрасни!!!
Солисти од Италија: Масимо Мерчели – флејта и Лоренцо Баваи – пијано, изведувачи од средната генерација на уметници – изведувачи, кои во првиот дел од концертот го претставија своето богато искуство, преточено во мошне сериозниот репертоар на: Ј. С. Бах, Ф. Пуланк и Ф. Доплер. Тие презентираа извонредна школа и практика, со остварени концепции на јасна и стабилна содржина, прецизни, со техничко-изведувачки виртуозитети, во голем музичко-уметнички континуитет. Тоа, многу успешно го изведоа низ цикличните форми од првиот дел, како репрезенти на уметност со постигнати високи критериуми. Во вториот дел на програмата, уметниците се претставија со сјајот на бисерите од филмската музика на Е. Мориконе и Џ. Вилијамс, кои ги побудија сите емоции и расположенија кај одушевената публика. А. Пјацола низ циклусот на неговата „Историја на тангото“ беше финалниот бисер на концертната вечер, во кој уметниците, со многу респект и љубов кон традицијата на аргентинското танго, ги претставија сите расположенија и ефекти на страстите и желбите од неговиот манир. Бандонеонот на Пјацола, овој пат многу успешно беше претставен преку нивното музицирање.
Солисти од Чешка: Камерен оркестар „Чешки виртуози“, Лукаш Клански – диригент, пијано, Хелена Сухарова Вајзер – пијано, Ема Једличка – Гогова – пијано, Сара Медикова – пијано, во настанот „Бах за вас“. Еден од позначајните настани е гостувањето на уметниците од Чешка, со кои ги остваривме најголемите меѓународни преговори, со посредство од медијаторот Ј. С. Бах и јазикот без преводи – музика. Најимпозантен настан во кој Чешка не само што ги донесе младите и успешни солисти на пијано, туку го донесе и зрелото искуство на камерниот оркестар и најголемиот бренд на нивната земја „Петроф“, како поддршка на овој концерт. Тие, за реализацијата на обединувањето на културната традиција (меѓу солистите, имаше и македонски солист), со огромна доверба и почит испратија три концертни пијана и едно додадено од нашиот “Пијано центар”, на семејство Ристески, нивни претставник во нашата земја, како би се создале услови за концерт за четири пијана.
Концертот се изведуваше пред храмот „Св. Софија“, а музиката на Бах беше моќен поврзувач, не само во нејзиното изведување, туку и во активноста за создавање на нови услови, за време на паузата, предизвикани од појавата на дождот, со сместување на пијаната во тремот на храмот. Создадената атмосфера, на взаемна синергија меѓу публиката и изведувачите, сите со желба и љубовта за музиката на Бах, го доби волшебниот благослов во промена и стабилност на временската состојба. Така да, во вториот дел, следеа и останатите концерти, кои ја исполнија вечерната програма.
Солистите, диригентот и камерниот оркестар, понесени од взаемната сплотеност и љубов, со голем авторитет кон големата уметност и мајсторот на полифониот израз, го остварија празникот на музиката. Тие ги изведоа четири концерти, во кои солистите се приклучуваа еден по еден, до концертот за четири пијана. Сите тие се пишувани во циклуси од по три става, низ кои солистите со голем пиетет ја изведуваа музиката на големиот мајстор. Таа, сите ние присутните, ја почувствувавме како бескрајно моќна, која ги обедини сите присутни пред величествениот храм. Нејзиното доминантно владеење со сите нас, усоеа да нè обедини во нераздвојна синергија, како потврда за нејзиното медијаторство меѓу сите битија од нашето постење.
Благодарност до сите Амбасади и нивните Амбасадори, сите изведувачи на концертите и фестивалот „Охридско лето“.

КОНЦЕРТ
ЗДРУЖЕНИЕ НА ЏЕЗ МУЗИЧАРИ НА МАКЕДОНИЈА – КОЛЕКТИВ СО ГУДАЧИ
КОНЦЕРТ “ВОЛШЕБНА НОЌ”
JAZZ-от е стил и начин на изведување на музиката со неговиоте карактеристични обележја. Во периодот од крајот на XIX и XX век, сите европски бродови се упатени кон Америка и обратно, во потрага по нови предизвици во животот. Музиката, меѓу остaнатите творевини, е првиот јазик на обединување и кореспонденција меѓу различните народи. JAZZ-от настанува како плод на спојувањето на богатиот ритам од Црнците во Америка, со афричко темпераментно потекло, со интонациските спојувања на европско-афричките мелодии и европските хармонии. Новата америчко-европско-афричка музичка творевина, привлекува многу приклоненици и брзо се популаризира во Америка како; северна и латинскоамеричка практика. Таа ги присвојува модерните игри со нова кореографија и забава.
JAZZ-от и модерните игри, набргу се преселуваат во Европа, со силно влијание во забавата и во творештвото на класичните автори. Во Македонија пионер и основоположник на новите жанрови е Драган Ѓаконовски Шпато, истакнат македонски композитор, диригент и музички аранжер. Автор е на “Тема I”, првата македонска џез композиција во далечната 1947 година. Со дејноста на оркестрите и групите на модерните жанрови, фестивалите и отсеците за популарни жанрови на академиите во Скопје и Штип, се создава плеада на музички изведувачи и творци. Но за жал, со укинувањето на оркестрите во МРТ идеалот кај многумина се губи, но и се искристализираат вистинските џез музичари. Како во класичната област, така и во оваа област најхрабрите заминаа во потрага по покомпетентни образованија од специјализирани џез академии, ширум светот. Тие се нашите амбасадори, кои не ги испративме само во една насока, се враќаат како преселни птици, ни ја раскажуваат приказната од светот и повторно заминуваат во нови хоризонти, по нови искуства. Меѓу нив, особено задоволство ни приредува Мартин Ѓаконовски, синот на месијата, кој секогаш го носи со себе европскиот ветар во Македонија.
На наше најголемо задоволство една млада генерација на џез музичари, отидоа и се вратија во своето гнездо, образовани со сите вештини од џез академијата во Грац. Тие, со својот професор Sigi Feigl, и по иницијатива на Здружението на џез музичарите на Македонија,(ЗЏМ), во 2016 година, во салата на МОБ Скопје, Ни го приредија најголемото задоволство со промоција на реинкарнираниот Биг бенд оркестар. Од тогаш до денес, Светото тројство; упорниот претседател Гоце Стевковски, студиозниот времепловец Сашко Николовски, диригентот-агрегат Емин Џијан го анимираат и одржуваат континуитетот на ЗЏМ-Бендот. Тие го создаваат најдоброто од сите нив, без присувство на комплекси и ега. Младите, образовани и талентирани кадри, отворени во своите сестрани дејности, ги држат во буден прогрес и постарите членови, кои неуморно се надградуваат, како би компарирале во возвишената дејност.
На концертот, на Охридско лето, ЗЏМ на Македонија, најдостојно се претставија со своите десет уметници, со додаден гудачки колектив, под диригентската палка на даровитиот Маестро Емин Џијан. Моќната интерпретација, од волшебната ноќ, воопшто не беше тешко да ги маѓепса и учесниците и публиката. Кога се пласираат извонредни дела, водени низ духовити коментари и сигурни креативни концепции од диригентот, навидум мислиш дека сето тоа е едноставна изведба. Лажната перцепција е зошто пред публиката стојат извонредни инструманталисти, автори и аранжери, кои пласираат перфектна мајсторија со одлична студија. Секој од авторите остави свој сопствен белег со сопствен темперамент и афинитет, огледан во мелодиските идеи, импровизациската креативност и одлично познавање на техничките инструментални можности. Хомофониот и полифон стил, со густи и смели хармонии, со комплексни и комплементарни ритмови кон мелодиски издржаната форма, беа закитени со особено расположение на изведувачите, целосно предадени во изведбата и во взаемната емоција со публиката.
Изведувачи на мелодиските инструманти: Борислав Веселинов – тенор саксофон, со најтоплите виртуозни изведби; Кирил Кузманов – алт саксофон и флејта, чиниш дека со инструментите се родил и ги користи како раце од своето тело; Трајче Велков – извонредна и привлечна труба, искористена без никакви поштеди, композитор и аранжер; Сашко Николовски – со неговиот магичен тромбон, кој знае да наликува и на виолончело со одлични гудала, композитор и аранжер; Антоние Весковски – вибрафон, најмладиот член кој одлично соработува со сите изразни техники и бои.
Изведувачи од ритмичките и хармонско-фундаменталните инструменти: Зоран Костадинов – со неговата извонредна, прецизна и сочна гитара, композитор и аранжер; Дарко Мучев – секогаш сигурна и јасна електрична бас гитара; Кирил Туфекџиевски – контрабасот кој знае да обликува, но и да пее; Горан Спасовски – пијано со магични бои, брилијантен тон со сите рсположливи технички филиграни, композитор и аранжер; Гоце Стефковски – тапани, кои не признаваат никакви препреки, секогаш подготвени за сите метроритмички содржини, со лепеза на динамички нијансирања, композитор; Џијан Емин – диригент без ограничувања, со огромна креативност и моќен авторитет врз ансамблите и публиката, композитор и аранжер, со огромни експерименти и внесување на нови бои од инструменти.
Кај сите автори се почувствува наклонетоста во истакнувањето на својот инструмент, а од стиловите, повеќето модифицирани и модернизирани, дури и со национални белези, беа застапени: bossa nova, fusion, mozambique, сите издржани во јасна форма и комплексна содржина. Повеќето композиции беа поддржани од групата гудачи, предводена од маестралниот концерт – мајстор Климент Тодоровски, кои одлично успеаа да ги надополнат хармонските блескави бои на богатиот колорит од волшебната ноќ.
Под ѕвезденото небо, во тврдината на културните настани, Долни Сарај, меѓу сите бои; музички, светлосни и тонски, публиката неможеше да остане рамнодушна; со овации и расположенија, не го напуштаа објектот, со желба овој концерт бесконечно да трае. Секако дека бевме почестени со бис изведба, но тајната што ја открив тој момент, само Вам ќе Ви ја откријам; најсреќен и најрасположен беше месијата Шпато, кој од другата димензија испрати аплауз за неговиот остварен сон, Jazz во Македонија, со висок професинализам, благословен од Творецот на универзалноста.
Голема благодарност до сите Џезери и Фестивалот „Охридско лето“.

Продолжува…