Концерт на францускиот пијанист и композитор  Лука Дебарг на „Охридско лето“

Младиот и извонреден француски пијанист Лука Дебарг вечерва ќе музицира за публиката на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

„Неверојатен  талент, уметничка визија и креативна слобода“ вака Лука Дебарг беше оценет од  светската критика  после  неговите настапи на Меѓународниот натпревар  „П. И. Чајковски“ во Москва во 2015 година, кога тој се закити со значајната награда што  ја доделува Московското здружение на музички критичари.


Денес, Лука Дебарг настапува со рецитали и со оркестар во некои од најпрестижните концертни сали во светот како Берлинската филхармонија, „Концертгебау“ во Амстердам, „Концертхаус“ во Виена, театарот „Шанзелизе“ и Филхармонијата во Париз, Лондонскиот „Вигомор хол“ и „Ројал Фестивал Хол“,салите во Франкфурт, Келн, Токио, Пекинг, Шангај, Тајпеј, Сеул и секако легендарната голема сала на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, театарот „Марински“ во Санкт Петербург и „Карнеги хол“ во Њујорк. Исто така, настапува и на фестивалот „Рок д Антерон“ и  на фестивалот во Вербие.

Голем дел од неговото време Дебарг посветува на компонирање и досега има напишано преку 20 дела за соло пијано и за камерни состави. Тука е вклучено и делото „Орфеј за камерен оркестар“ напишан за пијано, тапани и гудачки оркестар и премиерно изведен  од „Кремерата Балтика“.  Со овој ансамбл Лука редовно соработува, и во моментот работи на камерна опера која е порачка токму од овој состав.

Сони класикал досега има издадено пет албуми на Лука Дебарг со дела од Скарлати, Бах, Бетовен, Шуберт, Шопен, Лист, Равел, Медтнер и Шимановски.  Монументалното издание со делата на Скарлати е вклучено на листата на „десет класични албуми што ја одбележуваат деценијата“ според  „Њујорк Тајмс“.

Патот на Лука Дебарг до финалето на натпреварот „Чајковски“ е инспирација за документарниот филм „Кон музиката“ на режисерот Мартин Мирабел во продукција на „Бел Ер Медија“ кој беше прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Биариц во 2018 година.