Македонски Телеком е водечки национален телекомуникациски оператор, компанија којашто ја предводи дигитализацијата на општеството и креира одржливи вредности за сите. Како општествено одговорна компанија и верен поддржувач на културните вредности Македонски телеком долги години е Генерален спонзор на најзначајната манифестација „Охридско лето“ чие партнерство се заснова на доверба, разбирање и почит, значајно за развојот на културата, но и можноста во нашата земја да настапат светски познати музички и театарски имиња. Македонски Телеком е најголемиот и најзначајниот партнер на патот кон успесите на „Охридско лето“.
Од особено значење е Вашата помош како спонзор на фестивалот „Охридско лето“. Вашето дејствување во оваа сфера од културното живеење на Република Северна Македонија помагајќи ја најзначајната манифестација, вроди со многу значајни настани кои ја збогатија културната програма во земјата и го подигнаа нејзиното ниво. Колку се чувствувате заслужни за тоа и како ја оценувате соработката со „Охридско лето“?
- Македонски Телеком е пријател на „Охридско лето“ веќе трета деценија, пред сè, поради тоа што јасно ја согледува комплетната величина на фестивалот и бенефитот кој тој ѝ го носи на националната култура, па и на земјата, воопшто. Важноста на оваа манифестација, која е најголема и најзначајна од овој вид во регионот и пошироко, е токму во улогата на промотор на нашата култура и на убавините на Охрид и регионот, каде во автентичен и уникатен амбиент се одвиваат 40-те денови славење на културата. Горди сме на нашата безрезервна поддршка на „Охридско лето“ и на повеќедецениското пријателство и соработка.
Фестивалот „Охридско лето“ со години наназад е на врвот на светската уметничка сцена на која продефилираа големи музички имиња со светско реноме. Кој настан, кој уметник ви остави најголем впечаток во текот на изминатите фестивалски изданија ?
- Тоа е прашање на кое е невозможно да се даде одговор. На фестивалот свои незаборавни настапи имале плејада светски врвни уметници, чии имиња предизвикуваат длабока почит, а ние на секој од нив сме му посебно благодарни што бил незаборавен дел од него и оставил длабок печат во неговите хроники. Токму затоа, Македонски Телеком е горд што учествува во растот на овој фестивал низ годините во секој поглед. Со овој влог во заедницата, компанијата е среќна што е дел од културниот подем на државата, но уште повеќе од тоа што придонесува за духовната благосостојба на љубителите на овој вид содржини.
Долгогодишно партнерство се заснова на доверба, разбирање и почит. Фестивалот кој е гордоста на македонската уметност и култура, нешто што трае над пет децении,секогаш до себе ги има најголемите и најзначајните компании. Ќе продолжите ли заеднички по патот во градењето на иднината на најпрестижната манифестација?
- Впрочем, од најголем и стратешки интерес за компанијата е нејзината силна улога во општеството. Македонски Телеком е активен учесник во подигнувањето на квалитетот на животот на заедниците во кои што корисниците, вработените, партнерите, членовите на локалните заедници и сограѓаните работат, живеат и водат бизнис. И сè додека е така, продолжуваме по оваа патека.
Накусо, за Вашите планови за оваа година?
- Телеком со задоволство и годинава останува посветен на одржувањето на трајните вредности во националната култура со поддршка на фестивалот „Охридско лето“, кој, пак, со своето постоење секоја година, одново и одново, остава неизбришлива трага во нашата духовна и културна историја. Токму поради тоа, тој е вивнат на највисокото место на мапата на културни манифестации.