Сиљановска-Давкова: Уметноста е трезор на индивидуалната, но и на колективната меморија, влог во сегашноста, но и во иднината

Литванскиот виолинист со светско реноме Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија вчеравечер на Античкиот театар приредија незаборавна вечер за публиката на „Охридско лето“ отворајќи го 64. фестивалско издание.

Претседателката на државава Гордана Сиљановска -Давкова која е и покровител на фестивалот, прогласувајќи го за отворен, рече дека градот Охрид, покрај тоа што е природен споменик, пред повеќе од шеесет години, токму со раѓањето на фестивалот доби и културен споменик.

-Сведоци сме на богата програмска историја, плејада врвни уметници, бројни заслужени плакети за разбирање и соработка, дружење со посветени мисионери на културата. Колку ли национални уметнички вечери се одржале, колку ли музички и театарски кариери се крунисале? Колку ли слушатели и гледачи се израдувале? Колку ли срца се скршиле? Колку ли френетични аплаузи одекнувале, потсети претседателката Сиљановска-Давкова.   

Уметноста, додаде претседателката  Сиљановска-Давкова, е близначка на духовната слобода.

– Во музиката и во играта се вградени личната  и колективната тага и радост, стремежот и надежта. Тука се изворот и причината за нашата страст кон пеењето и играњето. Уметноста е трезор на индивидуалната, но и на колективната меморија, влог во сегашноста, но и во иднината, рече Сиљановска-Давкова.     

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека една од главните карактеристики на модерното општество е  неговатата идентификација преку културата и токму затоа, како што појасни,  трајните вредности и посветената грижа за нив, претставуваат врвен интерес на новата влада и на министерството за култура и туризам.

-Овој фестивал претставува временска верига на високи уметнички вредности што се создаваат овде и само овде, во древниот Охрид. Тој како никое друго место на светот, умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нѐ поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечната уметност. Убеден сум, дека и годинава заеднички ќе посведочиме настани, кои пред македонската публика, ќе ги принесат највредните дарови: од умешноста на зборот да се искова бесмртност, од музичкиот израз да се долови вонвременоста, а на сцената да се одигра вечната игра на животот. Градот Охрид и фестивалот „Охридско лето“, беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој децении наназад се испреплетуваат илјадници културни збиднувања и настани.Тие се најдобра потврда за нашиот чекор со актуелните европски и светски трендови, кои подразбираат континуитет на квалитетна продукција и интензивна творечка енергија која уметниците ја разменуваат со публиката, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Уметничката порака годинава од сцената на Античкиот театар ја пренесе Владимир Костов, еден од најпознатите и најдобрите македонски виолинисти кој нагласи дека  фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении ја рефлектира вечната  борба за  промоција на вистински вредности преку деликатен избор на  најдобрите уметници кои на древните сцени во Охрид, секоја година го реинкарнираат  духот  на уметноста во неговата највозвишена форма.

-Креативност не значи да бидеш различен, ниту комплексен. Креативност значи да бидеш едноставен како Бах, восхитувачки едноставен во лавиринтот на комплексната звучна полифонија. Справувајќи се со комплексноста на современиот свет, да не ја заборавиме важноста на уметноста во нашите животи. Да ги поддржуваме и славиме уметниците, да инвестираме во  уметничката едукацијата и да бидеме сигурни дека уметноста ќе остане длабоко интегрирана во нашето општество.Токму затоа е важно да ја препознаеме нејзината сила и да ја поттикнеме преку цврсто изграден систем на вредности да ја шири својата есенција, да едуцира, да создава здрав звучен амбиент кој ќе му пркоси на шундот и кичот, порача виолинистот Костов.

Шеесет и четвртото „Охридско лето“, по традиција беше отворено со интонирање на фестивалската химна напишана од композиторот Томислав Зографски и со палење на фестивалскиот оган.

До 20. август, љубителите на културата ќе уживаат во 36 уметнички настани, од кои 25 од областа на класичната музика, шест извонредни театарски претстави, едно стенд-ап шоу, и по една изложба и промоција на книга.  Роденденскиот концерт годинава му е отстапен на салса ансамблот „Меркадонегро“, а во дополнителната програмата ќе настапи македонскиот виртуоз на гитара со светско реноме, Влатко Стефановски.