На програмата на „Охридско лето “ во рамките на австриската вечер вчеравечер се одржа концерт на виенскиот квартет „Арпеџо“ а беше отворена и изложбата под наслов „Калиопе- Жените во општеството, културата и науката“.
Во црквата „Света Софија“ љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат во прекрасниот концерт на извонредните уметници.
Отворајќи ја вечерта, амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер, поистоветувајќи го Охрид со Салцбург рече дека е голема честа да се биде дел од еден ваков фестивал како што е „Охридско лето“.
– Голема е честа да се држи говор на ваков фестивал во прекрасниов Охрид кој е како Салцбург во Австрија. Охрид е вашиот Салцбург. Ние како амбасада ретко имаме можност да се вклучиме во културните програми, но сега честа е огромна. Би сакал да им се заблагодарам на уметниците кои вечерва ќе се претстават. Сите тие се во Виена, но се интернационални уметници кои доаѓааат од различни места ширум целиот свет. Би сакал да се заблагодарам на организаторите кои најпрвин организираа изложба за жените во Австрија, после која следува овој концерт, рече амбасадорот Памер.
Според директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, вечерите коишто се одржуваат со поддршка на амбасадите во земјава ја збогатуваат програмата со врвни уметници но и даваат можност нашите извонредни уметници да настапат надвор од државата.
-Соработката со амбасадите во земјава е многу важна не само за „Охридско лето“, туку и за културата воопшто бидејќи преку нив ја потврдуваме соработката со најдобрите уметници, нашите и оние што доаѓаат од надвор. Уметниците од земјите со чии амбасади имаме соработка, се претставуваат кај нас, а нашите имаат настапи во странските земји. Фестивалот „Охридско лето“ како најголема музичко-сценска манифестација во Европа и пошироко, е одлична можност за размена на уметниците и промоција на културата, рече Поповиќ.
Концертот на извонредните уметници од квартетот „Арпеџо“ кои настапија заедно со харфистката Тина Жердин го проследи и претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Претходно во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ беше поставена изложбата под наслов „Калиопе- Жените во општеството, културата и науката“. Австриското Сојузно Министерство за европски и меѓународни работи и Женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ја промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија на секаде во светот. Оваа изложба беше потсетник на тоа колку жените напредувале, но и истовремено претставува и осврт на она што се’ уште треба да се направи за да се обезбеди еднаквост.