Во прекрасниот акустичен амбиент на катедралната црква „Света Софија“, вчеравечер публиката на фестивалот „Охридско лето“ уживаше во маестралниот концерт на британскиот пијанист Бери Даглас.
Даглас настапи во рамки на Британската вечер што се организира првпат на фестивалот со поддршка на Амбасадата на Велика Британија во земјава.
Амбасадорот на Велика Британија, Метју Лосон, изразувајќи задоволство што во рамки на оваа вечер музицира врвен уметник од неговата земја, истакна дека врските помеѓу Велика Британија и Македонија никогаш не биле посилни.
-Пресреќен сум што сум тука и што Британската амбасада заедно со Британскиот совет имаат можност да дадат голема поддршка на британската вечер која е во склоп на фестивалот. Гордост е да го имаме светски реномираниот уметник Бери Даглас вечерва со нас. Сметам дека врската помеѓу нашите држави никогаш не била посилна. Сретнав многу Британци низ градот, па дури и на фестивалот на кој бев двапати изминатава недела. Сакаме и многу ни е мило што нашите туристи уживаат во вашата држава. Имаме прекрасно партнерство, рече амбасадорот Лосон.
Пијанистот Бери Даглас, уметник со силна креативна индивидуалност, исполнувајќи го вечерашниот репертоар создаде прекрасна духовна клима што предизвика восхит кај аудиториумот. Првиот дел од концертната програма беше резервиран за Шуберт и Чајковски, а вечерта беше заокружена со Мусоргски.
-Шуберт е моја огромна љубов, а исто така и руската музика. Снимам дела од Чајковски, Шуберт и Брамс. Сакав, не само да ги снимам нивните дела, туку и да ги отсвирам во живо на концерт. Сметам дека Шуберт и Мусоргски се прекрасни и нивните дела се вклопуваат со акустиката на оваа прекрасна црква „Св. Софија“. Поради силната акустика и топлината на публиката целиот концерт ме инспирира и беше многу лесен за мене. Лесен во смисла дека некогаш треба да се бориме за да направиме нешто посебно, но јас се чувствував како да се наоѓам помеѓу мои пријатели, изјави по завршувањето на концертот пијанистот Даглас.
По Британската вечер, на „Охридско лето“ вечерва ќе биде организирана и традиционалната Италијанска вечер на која ќе настапи барокниот ансамбл „ Маре Нострум“ од Рим.