Актерите од „Lit Moon Theatre“ од Санта Барбара, САД, вчера во рамки на Американската вечер на „Охридско лето“ ја одиграа светската премиера на претставата „Крал Лир“, од Вилијам Шекспир.
Создадена од уметници од Северна Македонија, Ерменија, Финска и САД, претставата е режирана од извонредниот Џон Блондел по импресии од сцената на предворјето на црквата „Света Софија“. Сценографијата и костимите пак, се дело на нашиот познат костимограф Благој Мицевски кому ова му е втора премиера годинава на „Охридско лето“, по неодамнешната „Галеб“ со Битолскиот народен театар.
Преку играта на актерската екипа се прикажаа живописни слики и визуелно раскажување приказни, раскажани на јазикот на Шекспир. Изведбата евоцира изгубени светови и минати времиња, атмосфери преплавени со антички ритуали, духови и соништа, едноставно раскажување и оригинална музика.
-Целата претстава е исполенета со референци за слепилото, не физичкото туку внатрешното слепило… трагедијата да се биде слеп при очи, рече главниот актер Ирвин Апел кој ја игра улогата на кралот Лир.
Претставата испреплете приказни за две семејства. Во едното, Лир го дели своето кралство меѓу двете ќерки кои му ласкаат а ја прогонуваат најмладата ќерка која искрено го сака. Во другата приказна, војводата од Глостер му верува на синот кој е предавник но се сомнева во неговата лојалност. Приказните на крајот се спојуваат во една со премногу болка.
Основан во 1991 година,„ Lit Moon Theatre Company“ е колектив на театарски уметници со седиште во Санта Барбара. Неговата мисија е да понуди театарски искуства кои го прошируваат и продлабочуваат разбирањето на светскиот театар и културните традиции и промовираат и инспирираат меѓукултурно разбирање преку театарска изведба во живо. Од 1992 година, Lit Moon создаде 45 нови театарски проекти, продуцира тринаесет меѓународни театарски фестивали, доби десетици награди за своите уметници.
Џон Блондел е добитник на 13 независни театарски награди а во 2003 година добитник е на награда за факултетско истражување од колеџот Вестмонд, во 2013 е именуван за учител на годината и „локален херој“за неговата „неуморна посветеност“ во меѓународната театарска заедница. До денес, Џон има режирано над 100 продукции во САД, Европа и Азија.