Прекрасна вечер на „Охридско лето“ со „Квинтето Адриатико“

Членовите на ансамблот „Квинетето Адриатико“ приредија прекрасен концерт за публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“.

На подиумот во „Света Софија“ музицираа виолинистката Фросина Богданоска, виолистката Дагмар Корбар, виолончелистката  Латица Аниќ, контрабасистот Илин-Диме Димовски, како и пијанистите Федерико Ловато и Јана Павловска-Молц.

Ансамблот „Квинтето Адриатико“ е нов проект на италијанскиот пијанист Ловато, хрватската виолончелистка Аниќ и хрватско-македонскиот контрабасист и долгогодишен соработник на фестивалот „Охридско лето“, Илин -Диме Димовски.

-Името на квинтетот е „Адриатико“ бидејќи сите членови живееме околу Јадранското Море. Имаме двајца пијанисти, за секое дело посебно бидејќи делата се многу захтевни,  Формацијата е таа, стандарден клавирски квинтет со контрабас. Досега о имаме поминато целиот репертоар за клавирски квинтет, сите можни клавирски квинтети сме ги оттсвириле, тука во Македонија, во Италија,  во Хрватска…Иако во различни формации, секогаш со задовлство се враќаме на фестивалот „Охридско лето“, вели контрабасистот Илин-Диме Димовски. 

Квинтетот е плод на повеќе од 20 годишната соработка на Ловато и Димовски кои преку нивното учество и соработка во оркестарот на Фондацијата „Сан Марко“, како и гудачкиот оркестар „Солисти ин Вила“ во Портогруаро (Италија) настапуваат на фестивалот „Санта Чечилија“ во музички партнерства со бројни познати музичари.

Во постојана потрага по нови предизвици и квалитетно заедничко музицирање тие ја контактираат фантастичната виолончелистка Латица Аниќ која гради интернационална кариера како солист и педагог на академијата во Лихтенштајн, како и македонската виолинистка Фросина Богдановска која е концерт-мајстор на оркестарот во Клагенфурт. Заедно, таа и Димовски се долгогодишни соработници во меѓународни ансамбли како оркестарот „No Borders” и „Ингац Фукс“ ансамблот. Последен член на квинтетот е талентираната виолистка Дагмар Корбар, победничка на годинашниот натпревар  „Папандопуло“, водач на секцијата виоли во Холандската филхармонија и асистент професор на музичката академија во Загреб. На овој концерт како гостин им се придружува и македонската пијанистка која живее и работи во САД- Јана Павловска-Молц.