Фестивалот „Охридско лето“ со поддршка од Амбасадата на Чешка во земјава вчеравечер организира концерт на чешкото трио „Халир“ кое ја воодушеви фестивалската публика музицирајќи на подиумот од акустичната црква „Света Софија“.
Триото е оформено во 2016 година со цел да се одржи споменот на ликот и делото на чешкиот виртуозен виолинист Карел Халир (1859-1909). По неочекуваната смрт на водечкиот чешки пијанист Вацлав Маха, триото „Халир“ го сочинуваат: Едуардо Гарсија Салас (шпански виолинист кој живее во Прага), словачката виолончелистка Јана Подолска и чешката пијанистка Барбора К. Сејакова. Сите членови се добитници на награди и признанија на меѓународни натпревари.
На репертоарот беа композицијата „Трио бр.4 е-moll Думки“ и „Трио во а-moll“ од Петар Илич Чајковски.
-Првпат сме во Охрид и сме воодушевени од убавината на градот, автентичноста на црквата и прекрасната публика. Зад името на нашето трио стои Карел Халир, тој бил прв виолинист кој отсвирил кончерто од Сибелиус во Берлин во 1899. Го замолил Дворжак да компонира кончерто за виолина и рекол дека тој прв ќе го отсвири, и тоа е всушност неговата поврзаност со Чешка. Исто така Халир отсвирил трио за виолина од Чајковски кое е најдолго, и првпат после неговата премиера во Русија го отсвирил во Лајпциг. Чајковски бил во публика и бил воодушевен. Халир за првпат свирел во Прага кончерто за виолина, каде Чајковски бил диригент. Затоа сметавме дека двете дела од репертоарот се вклопуваат перфектно, велат членовите на триото „Халир“.
Овој музички сосостав настапува на фестивали во Шпанија (Махон, Кордоба, Тарагона, Кадиз) како и во повеќе градови во Чешка, Германија и др, секогаш добивајќи позитивни критики за нивните настапи.