Во предвечерјето на големиот христијански празник Св.Климент Охридски, кога цел Охрид вибрира во знакот на својот заштитник, публиката на фестивалот „Охридско лето“ со нескриена возбуда го дочека концертот на реномираните македонски уметници, виолинистот Климент Тодороски и пијанистката Марија Вршкова. Низ годините докажани во своите сфери на делување, а сега во зенитот на исполнителството, после подолг временски период имавме привилегија да ги слушнеме повторно заедно, како дуо на концерт во црквата Св. Софија.
Сонатата за виолина и пијано оп. 45 во це-мол од Едвард Григ, прочуената Симфониска свита „Шехерезада“ од Николај Римски Корсаков и Концертната фантазија од рускиот виолинист Игор Фролов на теми од Гершвиновата опера „Порги и Бес“ како програмска определба за „Охридско лето“ беа совршен избор што наполно соодветствува со извонредниот музички капацитет на Климент Тодороски и Марија Вршкова, ама и пригода публиката да ужива во исклучително убава музика. Освен тоа, сите три дела ги обединува една заедничка страствена енергија, а отсвирени во еден здив на оваа по многу нешта посебна концертна вечер, ги доживеавме како своевидна уникатна музичка творевина за виолина и пијано со оркестарски интензитет.
Да, Сонатата е еден од неодминливите столбови во литература за виолина и пијано, врв во камерното творештво и придонес кон усовршувањето на романтичарската сонатна форма од норвешкиот лирик Едвард Григ, „Шехерезада“ е синоним за колоритната стилистика на Римски-Корсаков, а виртуозната комплексност во Фантазијата од Фролов е неодминлива препрека за натпреварувачите на големиот Конкурс „Чајковски“! Но јачината на овој програмски предизвик сама по себе не ќе значеше ништо доколку не ја слушнавме и доживеавме во вистинските димензии низ изведбата на Тодороски и Вршкова.
Максимално подготвени во сите технички компоненти на избраните партитури, тие уживаа во сопствената уметничка креација приредувајќи ѝ на публиката незаборавно естетско доживување.
Веќе во првиот став од Григовата Соната, Allegro molto ed appassionato, бестрашно се втурнаа во контрастните, формотворни драмски и елегични теми и расположенија со беспрекорно чиста интонација, целосно синхронизирана ритмичка стабилност и обемен дијапазон динамички нијансирања. Брзите и ни малку едноставни дијалози меѓу виолината и пијаното на Тодороски и Вршкова се чинеа лесни како игра. А бравурозно отсвиреното Presto во завршницата на ставот беше најава за жесток концерт! Во Романсата и во третиот став, Allegro animato пак, слушнавме суптилна кантилена, деликатно обликуван клавирски и виолински тон во наизменичните пројави на инструментите како одблесок од нордиските фолклорни напеви и танци.
Во продолжение следуваше концертно crescendo, многу адекватно, со музика од великиот Николај Римски-Корсаков. Едноставно, задоволство беше да се следи со каква леснотија Климент Тодороски и Марија Вршкова ги изведуваат сите артикулациски предизвици што ги поставува Свитата „Шехерезада“ – бистри пасажи и моќни акроди во пијаното слеани во совршен спој со рикошетни бравури, бујно вибрато и долги мелодиски линии во виолината. Би рекле своевидна љубовна синергија меѓу инструментите што впечатливо ни ја претстави имагинацијата на рускиот гениј. Во тој чудесен свет на Багдад и „Илјада и една ноќ“ од клавирскиот волумен под прстите на Марија Вршкова прозвучија харфи, флејти, удиралки.. едноставно цел оркестар во акустиката на црквата. А над него, со секоја појава на наповторливата тема на Шехерезада Климент Тодороски, низ звучниот амбитус на виолината креираше нова визија доловувајќи ни го како слика ликот на легендарната ориентална принцеза. Тодороски и Вршкова во „Шехерезада“ ни ја претставија својата магична музичка моќ и способност за уживање во сопствениот музикалитет.
Со силен творечки набој и возбуда што го задржуваше вниманието на публиката, кулминацијата на концертот уверливо ја постигнаа во моќната Фантазија од Фролов. Тоа беше демонстрација на врвно изграден и негуван виолински виртуозитет што така сугестивно и дарежливо ни го претстави нашиот талентиран Климент Тодороски. Познатите заводливи Гершвинови теми од безвременската „Порги и Бес“, Вршкова и Тодороски верно ги доловија меѓу пијаното и виолината, покажувајќи еден поинаков мангупски, блузерски шарм и одличен сенс за разнолики жанровски потфати. Тоа беше база од цврсти и прецизни клавирски октави и арпежи како длабочина што и овозможи на виолината да блеска во височините на Св. Софија.
На овој концерт на „Охридско лето“ имавме уметници што го држат вниманието на публиката од првиот до последниот такт. Тие свират жестоко, не штедејќи го сиот свој буен интерпретациски потенцијал и емоции и со подеднаков жар се внесуваат и ги извлекуваат сите финеси од партитурите.
Неодминливо ќе забележиме дека Климент Тодороски и Марија Вршкова низ својот настап емитуваат два изразито индивидуални уметнички персоналитети. Но нивната “super power” е во тоа што тие успеваат своите нагласени творечки темпераменти да ги артикулираат и да ги поврзат во енергична, возбудлива камерна формација со еруптивни размери. Публиката на „Охридско лето“ целосно го препозна и со овации го поздрави извонредниот перформанс, силно посакувајќи да не чека предолго до следниот концерт.
Викица Костоска Пенева – музиколог