Кинеската сопранистка Ванже Жанг и српскиот пијанист Дејан Синадиновиќ вечерва од 21 часот ќе одржат концерт во црквата „Света Софија“ во рамките на музичкиот репертоар на „Охридско лето“.
Ванже Жанг е истакната кинеска сопранистка чија вонвременска убавина на нејзиниот глас ги надминува географските граници. Како прва кинеска носителка на главна ролја во Белградската опера, Жанг е визионер и голем поборник за културна размена и образование на младите. Преку нејзиното делување како претседател на Фондацијата „Universal Artists“ и заменик претседател на Кинеско – српскиот центар за научна и културна размена, таа е предводник на иницијативата зa соработка помеѓу Далечниот исток и Западот преку универзалниот јазик на музиката.
Нејзиното вокално мајсторство прозвучило на некои од најпрестижните сцени како Бостонскиот „Симфони хол“, Карнеги хол, „Коларац“ во Белград, Шангајскиот центар за ориентални уметности, театарот во Хангжу како и во зградата на Обединетите нации во Њујорк. Надвор од сцената, таа е вистински културен амбасадор организирајќи турнеи на американски ансамбли и институции во Кина, одржувајќи и организирајќи мајсторски курсеви за соло пејачи како и организирајќи фестивали во Белград, Европа и Кина.
Жанг музичкото образование го започнува во Пекинг во класата на тенорот Хаитао Хеи, за потоа да се усовршува на Конзерваториумот во Бостон под менторство на Карен Холвик во чија класа и дипломира. Во 2019 година станува прв кинески докторанд по соло пеење и вокална интерпретација на ФМУ во Белград во класата на Катарина Јовановиќ.
Дејан Синадиновиќ е пијанист и професор на Факултетот за музичка уметност во Белград. Преку педагошките влијанија на неговите професори Арбо Валдма и Елисо Вирсаладзе тој е поврзан со значајните традиции на Артур Шнабел од една, и на Јаков Зак и Хајнријх Нојхаус од друга страна.
Остварува настапи во престижни концертни сали одржувајќи преку 100 рецитали на фестивали во Италија, Франција, Шпанија, Полска, Германија, Белгија, Швајцарија, Англија, Црна Гора, Грција, Северен Кипар, Турција, Данска, Романија, Русија како и во САД, Канада и Кина.
Синадин е раководител не бројни мајсторски курсеви и семинари во Русија и Кина, а соработува со филхармониските оркестри во Полска (Подкарпатска и Вроцлавска филхармонија) како и со квартетите „Артис“, „Минети“ од Виена, Италијанскиот квартет „Меридес“ и интернационалниот ансамбл „Синергија 6“. Настапува на фестивали во регионот како „Музички вечери во Св. Донат“ во Задар, Осорски музички вечери, Фестивалите во Дубровник и Будва, како и на Бемус и Битеф во Белград. Во 2023 година со успех настапувал на турнеја низ Кина на интернационалниот фестивал за уметности во Шангај, одржувајќи семинари, работилници, концерти во повеќе кинески градови. Соработува со истакнати уметници во камерни ансамбли или како дуо. Со Катарина Јовановиќ го формираат дуото „Мемнон“, а со сопранот Ванже Жанг се познати како дуо „Свила и ветер“. Синадин има издадено 3 ЦД-а за шпанската издавачка куќа КНС Класикс и 12 ЦД-а за Анима Рекордс во Париз. До 2020 година бил претседател на ЕПТА-Србија, и е основач и раководител на Пролетниот пијано фестивал во Белград. Исто така е координатор на Центарот за перманентно образование при ФМУ во Белград.