Еден од востановените стандарди при креирањето на програмските содржини на фестивалот „Охридско лето“ се концертни вечери посветени на творештвото на македонските современи композитори со учество и на македонски репродуктивни уметници. Тоа е пракса што секако треба да се негува и да опстојува и во иднина заради фактот дека фестивалот е најзначаен концертен подиум со интернационално значење кај нас. Грижата за македонското музичко творештво несомнено е императив за институциите во културата.
Во тој контекст уметничкото раководство на „Охридско лето“ за годинешново издание, со концертот на македонското пијано-дуо Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари во црквата Св. Софија, даде свој придонес кон одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на композиторот Томислав Зографски и 80-годишнината од раѓањето на композиторот Стојче Тошевски. На програмата беа делата: Соната за две пијана од Тошевски, и Рапсодија за виолина и пијано оп. 103 и Соната за две пијана од Зографски.
Акцентот во творечкиот опус на композиторот Стојче Тошевски е ставен на вокално-инструменталното и хорското творештво, со „14-те Мадригали“ како особен печат и обележје на неговиот стил. Сонатата за две пијана, што ја слушнавме на „Охридско лето“ е создадена во 1965-та година, во исто време со „Мадригалите“. Двете дела припаѓаат во раната, младешка фаза од неговиот живот, кога се наоѓал на студии по композиција во Белград и кога нескриено ги следел насоките и композиторските тенденции, актуелни во европските музички центри во тој историски миг. Станува збор за сложена четириставачна Соната (Allegro, Scherzo, Largo, Rondo) со атоналноста како единствена хармонска идејна замисла и доминантно обележје на целото дело. Дисонантните, примарно октавни, акордско-кластерски фактури во двете пијана низ стакатна, енергична техника во forte динамика, отсечни, синкопирани ритми, со минорна, речиси непостоечка мелодика, запишани во сите ставови, се обележје на струењата во југословенските композиторски кругови во шеесеттите години на минатиот век. Композицијата изискува цврста и крупна репетитивна техника, а во контекст со должината претставува фактура, сложена за изведба. Во времето кога е создадена, Сонатата е меѓу првите дела за камерен состав од две пијана и е наградена на конкурс на Музичката младина на Македонија. Од временска дистанца, би рекле дека звучната слика на ова енергично, френетично дело не кореспондира со музичките вкусови и тенденции на нашето време. Во годините кога се создавани дела од ваков вид, младите македонски композитори, сакајќи да се оддалечат од превезот на фолклорниот идиом и да бидат „модерни“ бараат нови изразни средства и создаваат прекомплексни творби, веројатно неразбирливи и за нив самите. Но од друга страна, особено е важно да се сочуваат сите тие творечки обиди од заборав, низ изведби од новите, млади репродуктивни уметници, како во случајов Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари, пред сé заради историското значење и како сведоштво кон развојот на македонското музичко творештво.
Во продолжение на концертот следуваа две мошне познати и често изведувани творби од истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски. Освен неспорната тежина и квалитет на Рапсодијата за виолина и пијано од 1983-та и Сонатата за две пијана од 1990-та, како и стилско-техничката податливост за свирење, посебно важен придонес во зачувувањето на творештвото на Зографски има Фондацијата што го носи неговото име и неговата сопруга Панда Зографска, која со својата неуморна работа и активности најнепосредно го продолжува животниот век на сé што ни остави композиторот во наследство.
Рапсодијата за виолина е пиеса со слободна форма, во изразито ad libitum темпо, виолинска делница со јасна мелодиска линија во фокусот и пијано придружба во втор план. Делото содржи отворена мелодиско-ритмичка и танцова алузија од македонскиот фолклорен идиом.
Сонатата пак за две пијана од Зографски, претставува не само едно од најзначајните негови дела, туку има посебно место во целокупното македонско творештво во сферата на камерната музика. Важно е да се истакне дека композиторот Томислав Зографски вообичаено не давал писмени забелешки, но како предговор кон партитурата на оваа Соната ќе го запише следново: „…беше желба да се состави композиција како што се Сонатата од Бела Барток и Сонатата и Концертот (сите за две пијана) од Игор Стравински. Бев обземен од звукот што може да го постигне тој состав од само два инструмента. … интегралниот текст на Сонатата е изведен во 1991 год. на Деновите на македонска музика (од авторот и самиот одличен пијанист) со Јован Каровски…“. Трите става (Allеgro moderato, Larghetto, Allegro con moto) обликуваат складен сонатен циклус со необарокен, Баховски ритмичен импулс во првиот став (типично за неговиот стил), наполно мирен втор став со лежечки долги нотни вредности и долг педал што создава магловита, мистична атмосфера и енергично финале со динамичен пунктиран ритам, во токатно-скерцозна пијанистичка фактура. И повторно, типично за авторот, сите ставови содржат педантно забележани динамичко-агогички насоки за интерпретација.
Пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари мошне посветено пристапиле кон толкувањето на Сонатите за две пијана од Тошевски и Зографски. На концертот во Св. Софија ги донесоа делата потполно зрело и сигурно, покажувајќи високо професионален пијанизам и прецизност кон сите технички и стилски детали содржани во партитурите. Двете пијана звучеа кохерентно како во однос на ритмиката, така и во однос на динамичките градации. Тоа се млади, но веќе изградени и афирмирани пијанисти, што со настапите од ваков вид им даваат додадена вредност на композициите од македонските композитори и ги актуелизираат во современ интерпретациски манир. Во иста насока се движи и младиот виолинст Васил Богоевски (тој се едуцира и работи во Германија) кој со изведбата на Рапсодијата за виолина, во пијано придружба на Анстасија Грговска, остави одличен впечаток како уметник со солидно обликувана техника и изразит музикалитет. Концертот на Грговска, Бафтијари и Богоевски беше успешен уметнички чин и остварување на важна мисија што сите наши музички уметници треба да ја следат – зачувување на македонското творештво.
Викица Костоска Пенева – музиколг