Еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов, пијанистот Алексеј Ботвинов, вчеравечер одржа извонреден концерт заедно со неговите колеги виолинистот Себастијан Борен и виолончелистот Патрик Деменга. На внимателно избраниот репертоар за летната охридска ноќ беа моцартовата „Соната за виолина и пијано во е-moll K.304“, потоа следуваше „Сонатата за виолончело и пијано бр.1 во e-moll оп.38“ од Брамс, за вечерта да биде заокружена со „Триото за пијано, виолина и виолончело бр.2 e-moll оп.67“ од Шостакович.
Концертот беше организиран во рамките на Швајцарската вечер на фестивалот „Охридско лето“ и беше поддржан од Амбасадата на Швајцарија во земјава.
Оваа година е особено важна за Швајцарија и Македонија бидејќи двете земји одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи. Како што истакна заменик-амбасадорката и вршител на должност во Амбасадата на Швајцарија, Михал Харари, двете земји се поврзани преку нивните убави природи, повеќејазичноста, мултикултурата, како и врските помеѓу луѓето.
-Во негувањето на односите помеѓу двете земји , препознаваме дека културата игра клучна улога во градење меѓусебно разбирање и почит. Токму преку културни размени можеме да градиме мостови, да ги продлабочиме нашите односи, да ги прославиме и практикуваме заеднички вредности. Швајцарија, не само што гордо ги претставува своите културни богатства, тука во Северна Македонија, заедно со културните институции како „Охридско лето“, туку ја поддржува независната културна сцена во земјава.Оваа поддршка ќе продолжи и во иднина со цел да ги прослави и продлабочи односите помеѓу нашите земји, рече заменик-амбасадорката и вршител на должност во Амбасадата на Швајцарија, Харари.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, изрази огромна благодарност до амбасадите во земјава за нивната несебична поддршка во развојот на културата кои летово беа беа дел од фестивалот носејќи ги најдобрите уметници од нивните земји.
-Посакувам и верувам дека нашата соработка ќе продолжи и следните години и заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на „Охридско лето“. Изразувам искрена и огромна благодарност за поддршката што ни даваат амбасадите. Тоа ни дава уште поголем мотив да ја негуваме уметноста но и да го градиме патот кон поголем културен развој.Со ваквата поддршка успеавме да направиме возвишено фестивалско издание и оваа година, издание кое ќе остане во фестивалската историја како успешна приказна достојна за најзначајната музичко- сценска манифестација, фестивалот „Охридско лето“ вели директорката Поповиќ.
Репертоарот на класична музика на годинешното 64. „Охридско лето“ продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ со концерт на кинескиот сопран Ванже Жанг и српскиот пијанист Дејан Синадиновиќ.