Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија ѝ додели благодарница на директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, за нејзиниот голем придонес во промоцијата на српската култура во земјава.
Благодарницата ѝ ја врачи амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Невена Јовановиќ, вчера, на одржувањето на Српската вечер на „Охридско лето“.
-Почитувана госпоѓо Поповиќ, ви благодарам за беспрекорната соработка и тоа што со своето несебично залагање дадовте голем придонес во промоцијата на српската култура и уметност во вашата земја и со своето делување дополнително ги засиливте културните врски помеѓу нашите држави, рече амбасадорката Јовановиќ, врачувајќи ѝ ја благодарницата на директорката Поповиќ.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ истакна дека ова признание и е мошне драго, но и оти заслугата е на целиот тим на фестивалот на чие чело е во изминатите шест години.
-Ова признание не е само мое,туку на целиот тим, на колективот на „Охридско лето“ бидејќи без нив немаше да ја имам во моите раце, кажа Поповиќ.
Српската вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржува трета година по ред. Годинава, на 64. издание настапија српските уметници, мецосопранот Љубица Вранеш, басот Драгољуб Бајиќ и пијанистот Миливоје Велјиќ кои одржаа прекрасен концерт што долго ќе се памети.