Фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе ја продолжи музичката програма со „Либертанго“ концерт на Оркестарот на Институтот ФАМЕ’С што ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“ од 21 часот.
Солист и диригент ќе биде Русанда Панфили од Молдавија, виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.

ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година во Скопје и е кофинансиран од проектот ФАМЕ`C, ЕУ (Креативна Европа) и Министерството за култура на РСМ. Програмата на Институтот е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.
Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска и музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.