Концерт за флејта и пијано со полски уметници

Фестивалската програма на 65. „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на полските уметници Лукаш Длугош и Анжеј Јунгиевич што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Лукаш Длугош е најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја. Списанието „Пицикато“ во оценката за неговиот албум „Приказни на флејтата“, издаден за Верго/Дојче Грамофон, го квалификува Длугош како „еден од најдобрите флејтисти во светот“. Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва. Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор. Лукаш Длугош е професор на академијата „С. Моњушко“ во Гдањск.

Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице. Добитник е на стипендии од полското министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година. Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина. Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.