Извонредните полски уметници Длугош и Јунгиевич ја воодушевија публиката  на „Охридско лето“

Најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја, Лукаш Длугош и извонредниот пијанист Анжеј Јунгиевич вчеравечер ѝ овозможија на публиката на „Охридско лето“  прекрасен концерт што долго ќе се памети.

Полските уметници настапија во црквата „Света Софија“ со внимателно одбран репертоар кој започна со  композиција на Моцарт, а продолжи со дела од Шуман, Шаминад и Пуланк. Вториот дел од концертот беше резервиран за композиции од Шимановски, Падеревски, Менделсон, Горецки, Лутославски и Шелиговски.

-Многу сме изненадени од ова прекрасно место.Акустиката е фантастична, оригиналните фрески ни даваат поттик да го претставиме репертоарот онака како што го замисливме и подготвивме, рече  флејтистот  Длугош.

Досега повеќе од 300 композиции се напишани специјално за него и за неговата сопруга,исто така флејтистка, Агата Кјелар-Длугош.

-Ова е важен дел за нас музичарите. Многу сакаме да соработуваме  со композитори бидејќи тие се посебени уметници и ни го прикажуваат најлесниот начин на интерпретација , формата и како да се свири добра музика во добра атмосфера. Сме соработувале со над стотина композитори. Сме снимиле повеќе од 80 компакт-дискови  и за нас е огромна можност да прикажеме каков репертоар се свири на флејта во 21 век, додаде Длугош.

Длугош студирал соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен,  а магистерските студии ги завршил на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД.

Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва.

Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор.

Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице.

Добитник е на стипендии од полското министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година.

Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина.

Учествува на бројни фестивали и премиерно изведува дела од современите полски композитори кои се снимани за радио и ТВ.  Неговите изведби се поместени на бројни носачи на звук, меѓу кои се и двата албуми со флејтистката Агата Кјелар-Длугош.

Редовно е пијано придружник на бројни работилници и мајсторски курсеви со етаблирани музичари и педагози. Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.