Германската пијанистка со грчко потекло Данае Доркен вечерва ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот и е дел од Грчката вечер на фестивалот што се организира со поддршка на Амбасадата на Грција во земјава.
На репертоарот се дела од Роберт Шуман, Фридрих Менделсон, Микис Теодоракис, Фазил Сај и Франц Лист.
Доркен е една од најбараните уметници на нејзината генерација, позната по нејзината неверојатна техника, фантастична сценичност и длабочина на музичката мисла. Таа редовно гостува со водечките европски оркестри, меѓу кои: Камерниот оркестар на Париз, Симфонискиот оркестар во Дизелдорф, Германскиот симфониски оркестар, Оркестарот на Комичната опера во Берлин, Филхармонијата во Баден-Баден, оркестрите во Прага и Хелсинборг, Нордискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар од Њукасл, Естонскиот национален оркестар, како и оркестрите во Нирнберг и Вајмар. Остварува настапи во Лондонскиот „Вигмор хол“, Филхармонијата во Париз, „Концертхаус“ во Виена, „Моцартеум“ во Салцбург, „Тонхале“ во Цирих, „Бозар“ во Брисел, „Брукнерхаус“ во Линц, „Концертхаус“ во Берлин, операта во Франкфурт, салата „Мегарон“ во Атина, Филхармонијата во Келн, како и „Бетовенхаус“ во Бон. Редовно е присутна на меѓународните, како и на фестивалските сцени во Германија.
Нејзината сезона 2024/2025 е исполнета со значајни настапи како оној во центарот „Линколн“ во Њујорк со нејзиниот долгогодишен партнер за камерна музика, кларинетистот Себастијан Манц, потоа настапува со Оркестарот на Комичната опера во Берлин под диригентската палка на Џејмс Гафиган. Заедно со нејзината сестра Кивели ќе настапуваат како дуо пијано на повеќе концерти. Во декември 2024 година беше издаден нејзиниот албум „Глас два“ кој е проект со вибрафонистот и композитор Паскал Шумахер, а концертната промоција на албумот ќе биде претставена и во престижната сала на Елбфилхармонијата во Хамбург, како и во други концертни сали.
Данае и Кивели Доркен заеднички го основаат меѓународниот музички фестивал „Моливос“ на островот Лезбос во 2015 година на кој настапуваат бројни интернационални музички имиња како Себастијан Манц, Марлис Петерсен, Линус Рот, Максимилијан Хорнунг, а истовремено тие се посветени на добротворната работа со бегалци, промовирањето на грчката музика, како и на зајакнување на врските помеѓу Германија и Грција.
