Празник на музичката уметност со италијанските уметници на „Охридско лето“

Концерт за паметење што разбуди длабоки емоции, возвишена креативност и  перфекција во изразот приредија познатиот италијански виолинист Давиде  Алоња и уметниците од Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња настапувајќи  на тринаесеттата фестивалска вечер на „Охридско лето“.

Италијанската вечер поддржана од Амбасадата на Италија во земјава беше во знакот на италијанските композитори. Магичната ноќ  започна со беспрекорна  изведба на дела од Антонио Вивалди, а продолжи со композиции од Оторино Респиги, Џакомо Пучини, Џоакино Росини, Пјетро Маскањи и Антонио Базини кои беа отсвирени со сензибилитет што ги разбранува  чувствата кај  публиката.

Давиде Алоња е еден од најпосветените музичари на италијанската музика од 20 век, проучувајќи, изведувајќи или снимајќи дела кои ѝ се делумно непознати на музичката јавност. Свири на инструмент изработен од Антонио Страдивари во Кремона во 1690 година, кој му е позајмен од Флоријан Леонхард, како и на виолина изработена од Анселмо Готи во 1930 година.

-Почестени сме што сме тука. Од многу одамна сум слушнал за фестивалот „Охридско лето“ и мислам дека е еден од најважните фестивали во Европа и пошироко. Настапивме со целосно италијанска  програма. Секако отсвиривме  дела од Вивалди кој е во нашето срце. Ќе кажам некои мали работи за него и неговите дела кои иако се познати,  имаат мали непознати факти како тоа дека имало сонет за оваа музика. Музиката била напишана пред 400 години, но има нешто многу футуристичко во него. Публиката ги слуша овие композиции стотици пати ама овојпат ги доживеа од друг аспект. Респиги е најпознатиот  композитор на 21-от век и ни е чест што го имавме на репертоарот вечерва, во оваа преубава црква  во која кога влеговме останавме вчудоневидени бидејќи имавме чувство како да сме во Ватикан. Акустиката е феноменална, рече харизматичниот виолинист Алоња.

Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња е основан во 2008 година од дел од музичарите на оперскиот оркестар. Нивната мисија е да ја промовираат класичната музика во Болоња, притоа гарантирајќи неприкосновен уметнички квалитет. Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња и истиот ваков оркестар кој дејствува во рамките на Миланската „Скала“, се единствени два ансамбли во Италија од овој вид. Љубителите на класичната музика покажаа огромен интерес за концертот на италијанските уметници  за кој се бараше карта повеќе, а во редовите на публиката беше и амбасадорот на Италија во Р.С. Македонија, Паоло Палминтери.