Потпишан Меморандум за соработка помеѓу НУ „Охридско лето“ и Театарската асоцијација на Јужна Кореја

НУ „Охридско лето“ и Театарската асоцијација на Јужна Кореја денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на културата.

Целта на потпишувањето на Меморандумот е  интензивирање на соработката помеѓу фестивалите, како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.

Спогодбата ја потпишаа директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски и претседателот на Корејската асоцијација, Сен Јеунг Ву.

Оваа соработка отвора нови перспективи за македонската уметност, смета директорот Цуцковски.

Инаку со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, копродукциски проект на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ „Охридско лето“, вечерва се спушта завесата на јубилејното 65.издание на фестивалот „Охридско лето“.