Со мултимедијалниот спектакл „Вивалдијано“ ќе се одбележи 57.роденден на „Охридско лето“

Со музичко-сценскиот спектакл „Вивалдијано“ вечерва на Античкиот театар ќе биде одбележан 57-от роденден на фестивалот „Охридско лето“.

Овој мултимедијален мега проект преставува вонвременски спој на уметничка изведба на 16 истакнати музичари од различни стилови. Тие ќе изведуваат класични дела на Вивалди базирани врз барокот.

Како што најави директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, станува збор за досега досега невидена аудио и видео опрема што ќе биде поставена на сцената на Античкиот театар,и воопшто, на фестивалот „Охридско лето“. Според неа, приоритет на оваа институција е домаќинското работење, почитувањето на фестивалската традиција, но и носењето проекти кои ќе остават силен печат врз публиката.

 

 

– Приоритет во овој момент е реализацијата на програмата.  „Охридско лето“ има тим кој знае да се справи со сите предизвици. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава потик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова  светско собиралиште на врвни уметници.
Голема е возбудата, но и обврската да се организираат 57-те настани на годинешново издание кое благодарение на новите селектори, музичкиот Ѓорѓи Цуцковски и селекторот за драма, Зоран Љутков, изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини. Почнувајќи со свеченото отворање на фестивалот,со Џез квартетот Форплеј, па се до денес реализиравме 33 настани, изјави директорката Вренцовска. 
.
.
Според селекторот на музичката програма Ѓорѓи Цуцковски во основата на проектот „Вивалдиано“ се композициите на извонредниот италијански композитор Антонио Вивалди, но, како што нагласи,  претставен на нов возбудлив начин преку вешто спојување на касичната музика со модерни елементи.
– Токму на овој посебен ден за нас, на роденденот на фестивалот имаме атрактивна понуда за поширок спектар на љубители на музикаата. Вечерва на древниот магичен Антички театар, овде во Охрид, ќе имаме уникатна можност премиерно да го погледнеме Светскиот мултимедијален мега проект „Вивалдијано“ во Македонија. Визуелните 3Д ефекти и светлосното шоу дополнително придонесуваат за севкупното чувство на возбуда, рече Цуцковски.
.
.
Јакуб Швејда, организаторот на турнејата на „Вивалдијано“ истакна дека Античкиот театар е можеби најдоброто место за старт на проектот.
.
.
-Фестивалската публика вечерва ќе има можност да види спој на неповторливите креации на Вивалди со рок-енергија…На посетителите ќе им понудиме тридимензионално патување низ музиката, со настап на врвни уметници од Прашката филхармонија и од целиот свет, зачинето со уникатен сценски настап меѓу две видео-презентации, изјави Швејда.
.
На денешната прес-конференција, традиционално, беше пресечена роденденската торта за 57-то „Охридско лето“. Роденденот се одбележува на четврти август зашто на тој ден пред 57 години  во црквата „Света Софија“ , оперската дива Ана Липша Тофовиќ го одржа првиот концерт пред фестивалската публика.
.
.
.
Директорката Вренцовска потсети дека многу луѓе, на фестивалската сцена оставиле свој белег и се заслужни за успесите на оваа најреномирана музичко-сценска манифестација во регионот.
– Охридско лето носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. Над 20 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет доаѓаат да уживаат на врвните музички и театарски настани..  Тоа е доволен показател дека нудиме квалитет во градењето на успешните фестивалски изданија.Четврти август, денот кога започна „Охридско лето“ изминатите години стана симбол за неповторлив настан, додаде Вренцовска.
.
Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите. Финансиски е поддржан од Министерството за култура, а се одржува под покровителство на претседателот на државата.
.