Игор Пикајзен – виолина; Илинка Манова – пијано

Игор Пикајзен-виолина

Наградуваниот Руско-американски виолинист Игор Пикајзен се смета за еден од најталентираните и најбарани солисти на неговата генерација.
Во сезоната 2022/23 ќе биде промовирано неговото ЦД снимено за компанијата „Ворнер Мјузик“ со Лондонската филхармонија на кое ги изведува концертите од Глазунов и Чајковски, а исто така следи и промоција на изданието  „Фантазии за виолина и пијано“ заедно со пијанистката Татјана Пикајзен.

Следните и неодамнешни настапи ги вклучуваат концертите со Симфонија Торонто, Филхармонијата на Бока дел Рио, Мексиканскиот симфониски оркестар, Рускиот државен Симфониски оркестар, оркестрите во Истанбул, Чиле и Конектикат, Националниот симфониски оркестар во Грузија, оркестрите во Измир и Женјанг.  Со рецитали ќе настапува во Чикаго, во Солт Лејк Сити во престижната серија концерти „Џина Бахауер“ како и во Њујорк. Претходно Пикајзен настапувал со Московскиот радио оркестар, Филхармонијата во Букурешт, оркестрите во Тбилиси, Јокохама, Бакау, Бјалисток, Кјелце под диригентските палки на Лиор Шамбадал, Лукас Борович, Александар Плат, Емил Табаков и многу други истакнати диригенти.  Со рецитали настапува во некои од најпрестижните концертни центри како „Карнеги Хол“ и „Алис Тали Хол“ во Њујорк, салата „Чајковски“ во Москва, „Флаже“ и „Бозар“ во Брисел, „Аудитори“ во Барселона, „Кадоган хол“ во Лондон и др, како и на фестивалите „Вербие“, „Долината Напа“, „Ноќни серенади“ и др.

Игор Пикајзен е роден во Москва и е внук на легендарниот виолинист Виктор Пикајзен. Дипломира на „Џулијард“  во Њујорк, а магистрира и се здобива со уметничка диплома на престижниот Универзитет „Јеил“. Добитник е на прва награда на натпреварот „Луис Сигал“ во Виња дел Мар во Чиле во 2015 година, прва награда на Меѓународниот натпревар „Вронски“ во Варшава, и сребрен медал на натпреварите „Х. Шеринг“ и „Клостер -Шонтал“. Пикајзен живее и работи на релација Њујорк- Денвер-Вестпорт каде е основач на летниот музички фестивал „Еделио“. Во 2019 година е назначен за професор  по виолина на Музичката школа „Ламонт“ при универзитетот во Денвер.

 

Илинка Манова-пијано

Македонската пијанистка Илинка Манова која живее и работи во САД е добитничка на повеќе награди, а нејзината љубов и страст кон музиката ја преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршува во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, за потоа да продолжи да студира во класата на проф. Арбо Валдма во Келн и во класата на д – р Соломон Миковски на „Менхетен“ школата за музика во Њујорк.  Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии со Стефани Браун на САНИ каде што се здобива со титула магистер и  со уметничка диплома. Во моментов е запишана на докторски студии за музичка уметност под менторство на д-р Анџелина Гаделија на Универзитетот во Конектикат.

Добитничка е на прва награда на 29. Меѓународен натпревар за уметници во Њујорк, по што следи нејзиниот соло рецитал во „Карнеги хол“ во 2001 година. Добитничка е на повеќе стипендии, награди и признанија и тоа: наградите на градот Сенигалија во Италија, и Државната награда на тогашна Југославија на натпреварот за млади музичари во Сараево. Настапувала во Тајван, во зградата на ОН во Њујорк, во престижните „Стенвеј“ и “Меркин хол“, како и во други концертни сали во САД.  Како солист и камерен музичар остварила настапи во Париз, Рим, Бон, Келн, Женева, Сенигалија, Белград, Љубљана, Скопје, како и низ повеќе градови во Источна Европа, и во САД. Илинка Манова е директор на непрофитната организација АртАхимса која преку уметностите промовира ненасилна култура. Предава во музичките училишта „Браунинг“ и „Дилер -Квејл“ во Њујорк, а нејзините ученици се лауреати на повеќе натпревари. Од 2012-2022 година Манова беше еден од раководителите на „Рондо“ платформа и натпревар за млади музичари преку која бројни млади уметници се мотивирани да го развиваат нивниот талент преку можности за концертни претставувања  во „Карнеги хол“, како и преку учество на мајсторски курсеви на летната академија „Рондо“ во Женева, Швајцарија.

 

Програма:

 

Р. Шуман: Соната за виолина и пијано оп. 105 a-moll

                                Mit leidenschaftlichem Ausdruck

                                Allegretto

                                Lebhaft

 

А. Перт:  “Fratres”  („Браќа“) за виолина и пијано

 

Е. Исаи: Каприс според етида во форма на валс од Сен-Санс

 

-пауза-

 

К. Дебиси: Соната за виолина и пијано

                                Allegro vivo

                                Intermède: Fantasque et léger

                                Finale: Très animé

 

Е. Исаи: Соната за соло виолина бр. 6 оп. 27 E-dur

 

Мајкл Фајн: „За пријател“ за виолина и пијано

 

Игор Фролов: Концертна фантазија на теми од операта „Порги и Бес“ од Џ. Гершвин

Дата

05 Авг 2023
Expired!

Време

21:00

Цена

MKD300.00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *