Една од најгламурозните оперски ѕвезди на денешницата, Анџела Георгиу, која ќе го отвори годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, денес пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Светски прочуената сопранистка беше пречекана од директорката на НУ „Охридско лето“ м-р Наташа Поповиќ, од селекторката на музичката програма на фестивалот маестра Бисера Чадловска, како и од Н.Е. Амбасадорката на Романија во Република Северна Македонија, Адела Моника Аксинте.
Оперската дива Георгиу, заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија и под диригентската палка на Чипријан Теодорашку од Романија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го означи почетокот на годинашното 63. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Анџела Георгиу важи за најгламурозна оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција.