Италијанските концертни вечери, во соработка со Италијанската амбасада во Македонија, од 2021 година се одржуваат на „Охридско лето“ и редовно будат голем интерес кај широк, интернационален слушателски аудиториум. Бројни вљубеници во уметничките креации на „Охридско лето“ со голема возбуда и годинава ги дочекаа италијанските уметници од барокниот ансамбл „Маре Нострум“ и ја преполнија Црквата Св. Софија.
Со изведбата на Ораториумот „Санта Пелагија“ оваа одлична дружина составена од млади, талентирани уметници нé врати во времето на италијанскиот музички барок, фантастичниот свет на композиторот Алесандро Страдела и во целост ги исполни најавите за едно несекојдневно уметничко доживување. Бездруго и заради фактот што акустичкиот простор на црквата Св. Софија уште од раните шеесетти години на минатиот век, кога фестивалот беше во зародиш, па сé до денес, претставува најприроден и речиси единствен подиум кај нас за изведба на ренесансна и барокна музика.
Трагајќи по биографијата на „Маре Нострум“, дознаваме дека во програмскиот фокус на ансамблот се наоѓа вокалната музика од 17-тиот век, со посебен акцент да се открие и актуелизира творештвото на Алесандро Страдела (1643-1682), во историјата на музиката обележен како предвесник и инспирација на прочуените италијански современици Корели, Вивалди и Скарлати. Оваа вредна уметничка мисија од 2005 година до денес ја создава и ја води Андреа де Карло, уметнички раководител на „Маре Нострум“, кој на концертот на „Охридско лето“ ни се претстави како изразито посветен и енергичен диригент.
Да се осознае и да се восприеми вокалниот израз и старинскиот инструментариум од 17-тиот век за просечниот слушател на нашето време е или невозможен потфат, или во најмала рака, за многумина таа естетика се доживува како некоја необична историска егзотика. Но, следејќи го настапот на Андреа де Карло пред својот камерен оркестар и вокалните солисти, со секое движење и мимика, откриваме уметник кој успева да ви го привлече вниманието и ве наведува да проникнете во убавината на барокниот звук.
Својата силна тенденција низ долгогодишно, и пасионирано музиколошко истражување да се сочува естетиката на Страдела и да се презентира на најсоодветен начин пред еклектичниот публикум во современ контекст, ди Карло со особен жар успева да ја пренесе и на членовите на „Маре Нострум“: вокалниот квартет – Џулија Болкато (сопран), Данило Пасторе (контратенор), Масаши Томосуги (баритон) и Анџело Тестори (тенор) и basso continuo – Маргерита Буратини (харфа), Џулио Фалцоне (теорба), Томас Чигиони (виолончело), Серена Сегетини (виола да гамба) Амлето Матеучи (контрабас) и Лучија Аделаиде ди Никола (чембало и оргуља).
Нивниот концерт под сводовите на Св. Софија беше повеќеслојно, висококвалитетно уметничко остварување. Во прв ред одличен приказ на хуманистичката порака во Ораториумот „Санта Пелагија“ – постојан судир меѓу световната и духовната страна на човековата природа, впечатливо пренесено преку силна вокална интерпретација и грациозна инструментална позадина. Низ ревијата рецитативи и арии вокалните солисти мошне сугестивно ни ги претставија карактерите на главните ликови: Пелагија, Мондо, Ноно и Религионе кои пренесувајќи ја Пелагија преку земните искушенија ја носат по патот на покајание и предаденост кон Божественоста – несомнено наивна замисла од гледиште на современ гледач, но сепак толку актуелна дури и во нашиот конфузен свет. А пасторалното сиже уметниците го изложија преку автентична барокна вокална техника со меко обликувани назални и затворени вокали, јасна дикција и нагласена фацијална експресија, со што во целост ја потенцираа содржината на текстот и поетската ритмика. Сопранистката Џулија Болкато со својот рафинирано обликуван вокал, движејќи се суптилно низ рецитативите, па сé до моќни динамички врвови во ариите, доминираше на сцената пренесувајќи ги контрастните расположенија во главниот лик Пелагија. Наспроти неа Масаши Томосуги, кадифен и волуминозен баритон инотнативно прецизно и подвижно ги изведуваше сложените мелизми, со што уверливо ни го долови ликот на претенциозниот и наметлив Мондо. Анџело Тестори во тенорската делница на Ноно имаше извесни пренегласено отворени и продорни вокали што неговите солистички делници делумно ги оддалечи од барокниот стил. Особено забележлив беше настапот на Данило Пасторе, – изразито солидно обликуван контратенор. Со нежните „женствени“ фалсет-фрази и силна агогика во високиот регистар беше вистинско олицетворение на ликот Религионе, а со тоа и посебно доживување за публиката.
Вокалните дуети и квартети, во цврста усогласеност со инструменталниот ансамбл и специфичниот звук на архаичните инструменти звучеше компактно како во елегичните рецитативи, така и во разиграните и динамични менуети. Од тој евидентно скуден волумен на basso continuo, диригентот Андреа ди Карло успеа да создаде свечена и помпезна атмосфера и да ја одведе публиката во блекавоста на италијанскиот музички барок.
Силна импресија што се наметнува од концертот на „Маре Нострум“ е дека овие полетни уметници ни го донесуваат богатството на барокниот контрапункт и ритмика, максимално почитувајќи ја автентичната изворишна стилистика. Но внесувајќи една нетипична егзалтираност и активирајќи ги динамичките контрасти до максималниот технички потенцијал на старовремскиот инструментариум, ведрите уметници создадоа енергија на некаков чудесен рок-бенд пренесен со временска машина во нашиот храм Св. Софија, од 17-тиот директно во 21-от век!
Орденот на честа за особени заслуги во промоцијата на италијанската култура, под патронат на Претседателот на Република Италија Серџо Матарела, а што италијанскиот амбасадор во Македонија, Андреа Силвестри ѝ го додели на директорката на „Охридско лето“, г-ѓа Наташа Поповиќ, беше само уште едно вредно интернационално признание за високите професионални дострели упатен во вистински раце – тимот на нашата најпрестижна музичко-сценска национална институција.
Викица Костоска Пенева – музиколог