Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концертот на „Квинето Адриатико“ што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.
Ансамблот „Квинтето Адриатико“ е нов проект на италијанскиот пијанист Федерико Ловато, хрватската виолончелистка Латица Аниќ и Хрватско-македонскиот контрабасист и долгогодишен соработник на фестивалот „Охридско лето“, Илин -Диме Димовски.
Квинтетот е плод на повеќе од 20-годишната соработка на Ловато и Димовски кои преку нивното учество и соработка во оркестарот на Фондацијата „Сан Марко“, како и гудачкиот оркестар „Солисти ин Вила“ во Портогруаро (Италија) настапуваат на фестивалот „Санта Чечилија“ во музички партнерства со бројни познати музичари. Во постојана потрага по нови предизвици и квалитетно заедничко музицирање тие ја контактираат фантастичната виолончелистка Латица Аниќ која гради интернационална кариера како солист и педагог на академијата во Лихтенштајн, како и македонската виолинистка Фросина Богдановска која е концерт-мајстор на оркестарот во Клагенфурт. Заедно, таа и Димовски се долгогодишни соработници во меѓународни ансамбли како оркестарот „No Borders” и „Ингац Фукс“ ансамблот. Последен член на квинтетот е талентираната виолистка Дагмар Корбар, победничка на годинашниот натпревар „Папандопуло“, водач на секцијата виоли во Холандската филхармонија и асистент професор на музичката академија во Загреб.
На овој концерт како гостин им се придружува и македонската пијанистка која живее и работи во САД- Јана Павловска Молц.