Учесниците на Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што секоја година се одржува под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамара Гулиеа денеска ќе одржат завршен концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Младите музички таленти ќе музицираат во црквата „Света Софија“, денеска од 17 часот.
Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, за од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, да продолжи да се одржува во Охрид.
Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и од земјава, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие и други земји. На семинарите, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.