Загрепски солисти, Хрватска

  1. Ансамблот „Загрепски солисти“ е формиран во 1953 година како дел од тогашното Радио Загреб под уметничко водство на познатиот виолончелист Антониј Јанигро.  Повеќе од седум децении под водство на познатите виолинисти како концерт-мајстори на ансамблот – Драгутин Хрѓок, Тонко Ниниќ, Анѓелко Крпан и Боривој Мартиниќ-Јерчиќ, „Загрепски солисти“ постигнуваат неприкосновен уметнички раст  и високо интерпретативно ниво и поради тоа се постојано присутни на престижните концертни сцени низ светот.

Од 2012 концерт-мајсторот на Минхенската филхармонија – Сретен Крстиќ е концерт-мајстор на ансамблот „Загрепски солисти“.

Досега овој ансамбл има одржано преку 4000 концерти на сите пет континенти во престижните сали како „Музикферајн“ (Виена), „Концертгебау“ (Амстердам), Ројал Фестивал Хол (Лондон), салата „Чајковски“ во Москва, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Санта Чечилија“ во Рим, „Опера хаус“ во Сиднеј, „Викторија хол“ во Женева, Театарот „Реал“ во Мадрид, Театарот „Колон“ во Буенос Аирес, во дворецот „Версај“ и др.  Гостуваат на најпрестижните музички фестивали во светот како оној во Салцбург, Прага, Единбург, Берлин, Берген, Барселона, Истанбул, Дубровник и други, а со нив како солисти настапуваат водечките солистички имиња како Хенрик Шеринг, Алфред Брендел, Џулијан Рахлин, Кристијан Ферас, Пјер Фурние, Леонард Роуз, Џејмс Голвеј, Жан-Пјер Рампал,  Алдо Чиколини, Катја Ричарели, Лили Ласкин, Зузана Ружичкова, Марио Брунело, Изабел Морети, Ги Туврон, Марк Копеј, Реј Чен и многу други.

Широкиот репертоар на „Загрепски солисти“ вклучува дела од сите епохи со особена посветеност на пронаоѓањето ретки и неизведувани дела, како и промоција на новите генерации хрватски композитори.

За време на нивното 70-годишно постоење, ансамблот има реализирано бројни носачи на звук за издавачките куќи Вангард, ЕМИ, АСВ, Еуродиск, Мелодија, Хиспа-вокс, Наксос, Пиквик и Кроација рекордс. Едно од поновите изданија е компакт-дискот со дела од Ернесто Кордеро снимено за Наксос заедно со виолинистот Гиљермо Фигуероа и гитаристот Пепе Ромеро кој е номиниран за Латино Греми. Во 2014 година го издаваат ЦД-то посветено на композиторот Борис Папандопуло, кое ги освојува симпатиите на домашната и странската критика. За нивните достигнувања „Загрепски солисти“ се добитници на бројни интернационални награди (прва награда во Мар дел Плата, медалот „Пабло Касалс“, медалот „Елизабеет Спраг Кулиџ“) и огромен број домашни признанија: наградите „Владимир Назор“, „Милка Трнина“, „Јосип Штолцер Славенски“, награди од Барокниот фестивал во Вараждин, наградата на УНЕСКО, наградата на Град Загреб, сребрен компакт-диск на Кроација Рекордс, Орден за заслуги за народот со сребрени зраци, плакета на градот Загреб, повеќе „Порин“ награди за дискографските изданија меѓу кои и „Порин“ за животно дело во 1994 година, наградата на Музичка младина на Хрватска и многу други. Се издвојува и нивната хуманитарна работа, како и Гран при наградата „Орландо“ за особен придонес кон Летниот фестивал во Дубровник.

70-годишната успешна работа на ансамблот во голема мера се должи на огромниот влог на бројните талентирани хрватски музичари кои биле дел од овој состав низ годините и оставиле силен печат со својата посветеност, дисциплина, ентузијазам и љубов кон камерното музицирање.

  • 00

    Денови

  • 00

    Часови

  • 00

    минути

  • 00

    секунди

Дата

30 Јул 2025

Време

21:00

Цена

MKD500.00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *