Фестивалската програма на „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на турскиот ансамбл „Реј“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Овој состав го сочинуваат мецосопранот Ирем Бурша Бајир, сопранот Шениз Ердинч, баритонот Артур Багдасароглу, тенорот Берк Озбек и пијанистот Алпер Акгул.
Станува збор за етаблирани музичари кои се докажани на сцената и се истакнуваат не само со својот талент, туку со исклучителната способност да соработуваат меѓусебно и да воспостават уникатна поврзаност со публиката.

Мецосопранистката Ирем Бушра Бајир е постојан член на Државната опера во Истанбул и е позната по нејзините моќни вокални и сценски интерпретации со кои успева да ја вовлече публиката во драматичните длабочини на делата кои ги изведува.
Сопранистката Сениз Ердинч освојува со нејзината сценска харизма и техничка маестралност. Позната е по импресивните интерпретации на драмските и лирските улоги.
Артур Багдашароглу поседува длабок, полн и моќен баритонски глас кој го квалификува и длабок емоционален интензитет. Подеднакво успешен на концертниот подиум, како и на оперската сцена, Багдашароглу е мајсторски изведувач на делата од Ерменската класична музичка ризница, како и на дела од турски композитори.
Тенорот Берк Озбек со својот мек, светол и импресивен глас успева да долови незаборавни моменти за публиката преку својата вокална техника, но и преку неговото непосредно сценско присуство.
Пијанистот Алпер Акгул е движечка сила на Ансамблот „Реј“ и игра огромна улога во пренесувањето на музичкото доживување до присутните во аудиториумите каде настапуваат. Сo својот студиозен пристап ја доловува длабочината на делата и истовремено ја комплементира динамиката на ансамблот. Акгул е професор по пијано на Универзитетот „Мармара“.
Репертоарот на Ансамблот „Реј“ на специфичен начин ги комбинира богатството и универзалниот јазик на класичната музика со длабочината и уникатноста на турската музичка култура. Ансамблот изведува дела од Моцарт, Бетовен, Шуберт, како и дела од бројни турски композитори. Нивната основна идеја е дека музиката обединува, поради што како култури двигатели имаат значајно место во културната и уметничката сцена во Истанбул. Преку интензивната музичка естетика, ансамблот има цел да ја доближи музиката до пошироката публика.