Концерт на „5+ Бенд“- Илинденски подарок за најмладата публика на „Охридско лето“

Најмладата публика на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер на сцената „Долни Сарај“  пееше, играше и се радуваше на детските хитови испеани од познатиот „5+ Бенд“ .

Концертот, како што вели актерката Сања Арсовска која го игра ликот на Лина во серијата „5+ Фамилија“  е потсетување за најмладата публика за вредностите коишто треба да се негуваат.

-Едно потсетување за сите вредности коишто ги застапува нашиот проект  „5+ Фамилија“ и особено е значајно што на овој ден, еден од најголемите македоснки празници,  сме денеска во Охрид. Има некаква симболика затоа што и нашата борба, не е еднаква на таа во историјата, а сепак е многу значајна затоа што се однесува на најмалата публика. Ние како продукција којашто се занимава со неформално образование на деца се трудиме да изградиме една младина којашто  ќе има добри вредности, ќе нема предрасуди, ќе знае како да се однесува во животот, како да се однесува кон своите пријатели, кон животната средина, а откако ќе ја научи таа лекција ќе знае да го чува овој свет за којшто ние сè помалку и помалку се грижиме, вели Арсовска.

ОХО Продукција е позната по својот уникатен пристап, особено кога целта е подигнување на јавната свест. Во последните две декади има иницирано и одработено  значајни проекти кои промовираат позитивни вредности и промени кај сите генерации, особено кај најмладата публика.