Музичка префинетост со „Пијано трио“ на „Охридско лето“

Македонското „Пијано трио“ на 65. „Охридско лето“ ѝ овозможи на публиката неповторливо патување низ светот на класичната музика, не само преку нивната префинетост при музицирањето, туку и со внимателно избраниот репертоар.

„Пијано трио“  е составено од тројца етаблирани музичари, Татијана Петрушевска-Караскаковска – прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски – прв  фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, и пијанистот Петар Макариевски – уметнички соработник при ФДУ, кои  го оформира триото во 2024 година.

Тројцата остварени и потврдени уметници со своите инструменти, поттикнати од желбата за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, формираа ансамбл сметајќи дека постоењето на камерни ансамбли од секаков вид е потребно и полезно за музичарите, од аспект на соработка, зголемување на репертоар, изведба на дела кои не се само за соло инструмент туку во соработка со други инструменти.  

Формацијата на овој ансамбл овозможува широк спектар на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување. Х. Брод, Т. Лалие, К. Фридеман,  В. А. Моцарт, Ф. Пуланк, Г. Ф. Хендл,  А. Вивалди, А. Рајхенауер, Л. В. Бетовен,  М. Глинка, се само дел од композиторите кои се на репертоарот на Триото кој постојано се збогатува со нови композиции.

-Концертот на „Охридско лето“ го започнавме со „Три де Салон“ од Клеменс де Грандвал кое всушност премиерно го изведовме во Македонија. Досега не ја знаевме оваа композиторка, но ете,  ја најдовме.Потоа ја свиревме „Гасенауер“ трио од Лудвиг Ван Бетовен која исто така е премиера кај нас, и не е оригинална за пијано, обоа и фагот, поточно пијаното е оригинално, но ние, обоата и фаготот сме на местото на кларинет и виолончело. Сакаме да свириме вакви предизвикувачки дела, затоа и ги ги поставиваме на репертоарот. Третото дело  што го изведовме беше напишано во 2022 година за нас,а тоа е композицијата  „Во мигот“ од Вања Николовски – Ѓумар. Вечерта ја заокруживме со „Трио“ од Жан Франсеј, која е на врвот на литературата за вакви ансамбли, вели обоистката Татјана Петрушевска-Караскаковска.

Својот прв настап како „Пијано Трио“, членовите го  имаа на концертот  и промоцијата на ЦД-то  во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје.

-Минатата година славевме 10-годишен јубилеј од нашето постоење. Поводот за нашето формирање беше промоција во чест на нашиот истакнат охридски флејтист Илија Зимбо. Пред две години ја имавме честа да настапиме со ова трио на целовечерен концерт на „Охридско лето“ и тој концерт го посветивме на нашиот прерано починат колега и пријател Зимбо. За овие 11 години постојано настапуваме и на домашната и на меѓународната сцена и секогаш наоѓаме  композиции кои се атрактивни за овој тип на музички состав, но подеднакво, композиции кои се на врвот на светската литература, вели пијаностот Петар Макариевски.

Она што го карактеризира „Пијано трио“ како состав се истенчниот и моќниот звук, интерактивноста, прецизноста во изведбата, индивидуалноста и виртуозноста на музичарите. 

 -Еднаш или двапати седмично се среќаваме на кафе, отсвируваме, си расчитуваме нови  композиции, си ги утврдуваме старите композиции и така, сè по ред,  11 години. Значи не оставаме парцијално, да имаме концерт па да работиме, туку, едноставно работиме и постојано ја креираме програмата и секогаш кога правиме концерт имаме нешто подготвено, појаснува Петрушевска-Караскаковска.

Фаготистот Маријан Милошевски  е задоволен од изминатата концертна сезона.

-Следуваат 15-тина дена одмор и потоа одиме на концерт во Македонскиот културен центар во Софија,Бугарија. Потоа следува концерт во Гевгелија и тука успешно ја завршуваме концертната сезоната, задоволни, со доста настапи, вели Милошевски.

На својата програма, „Пијано Трио“  секогаш имаат дела кои се изведуваат премиерно во Македонија, а делата и изведбата на тројцата извонредни музичари секогаш наидуваат на воодушевување кај публиката.