Изложба на фотографии „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“ беше отворена синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Во фестивалската дирекција се поместени 15 фотографии од оперските улоги на легендарниот македонски вокален уметник.
-Вечерва ја имаме таа посебна можбност преку изложените 15 фотографии од неговите оперски улоги, да ја осознаеме и моќта за визуелна трансформација на Георги Божиков .Моќ, која всушност говори за неговата целосна внесеност и врвна професионалност во креирањето на секој толкуван лик. Вечерва се тука и некои негови омилени ликови – не само во уметничка, туку и во човечка смисла, секој откривајки една нова димензија од љубовта и посветеноста на Жоро кон се што е македонско: Цар Самуил од операта на Кирил Македонски, Гоце Делчев од операта ,, Илинден “ на Трајко Прокопиев, како и неговата последна премиерна улога, Болен Дојчин во истоимената опера на Ристо Аврамовски, беше речено синоќа на отворањето на изложбата.
Помеѓу изложените фотографии се и други трансформации на Божиков во улоги што ги отпеал на сцената на Македонскиот народен театар, но и на оперските сцени во поранешна Југославија и во Европа.
Фестивалот ,,Охридско лето “ кој на најдостоинствен и висококреативен начин ги продолжува традициите на Охрид како духовно средиште на овие простори, а истовремено е и еден од европските и светски културни жаришта, на посебен начин бил привлечен за македонските уметници, меѓи кои и Божиков.
-Легендарниот македонски вокален уметник, басот Георги Божиков несомнено е еден од оние уметници, за кои Охрид и охридскиот фестивал биле посебна инспирација и љубов. За тоа јасно говори фактот што започнувајки од оние први две негови учества во групни концерти со дела од македонски автори, во периодот 1964-1986 или за нешто повеќе од две децении, Георги Божиков настапува на фестивалските сцени шеснаесет пати, беше истакнато на изложбата.
Настапите на извонредниот бас Божиков на „Охридско лето“ како што беше речено, секогаш предизвикувале спонтани изливи на воодушевување и силни овации и ракоплескања од страна на фестивалската публика.
-Сеуште под сводовите на величенствената ,,Света Софија“ одзвучуваат кажувањата и спомените за продуховената романтичарска суптилност на Шуберт и Шуман…. Страсниот занес во делата на Чајковски, Мусоргски и Рахмањинов … Фасцинантното толкување на бројните соло – песни на македонските творци… Навистина незаборавни и неповторливи остануваат ,,Записите“ на Томислав Зогравски, ,,Смртта на Гоце“ на Трајко Прокопиев ,,Монологот на Дојчин “ на Ристо Аврамовски…. Всушност, нема соло – песна од македонски композитор, создадена до 1986 – или – до неговата прерана смрт, која Жоро ја нема испеано, беше речено синоќа, на отворањето на изложбата „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“.
Првенецот при Операта на Македонскиот народен театар, георги Божиков е роден во Петрич, Република Бугарија, на 15 април1931 година. Неговата несекојдневна музичка дарба и способноста да свири на повеќе инструменти се открива од најраната возраст, што јасно го определува неговиот иден пат на музичар. Дипломира на Конзерваториумот во Софија, по што е дебитира со голем успех на сцената на софиската Опера.
Пролетта 1963 доаѓа за прв пат во Скопје, кадешто веќе живее неговата сестра Милка Божикова. Понесен од мислата дека неизоставно треба да биде дел од македонската музичка култура, во 1964 станува солист а подоцна и првенец на Операта при Македонскиот народен театар. До својата ненадејна смрт во 1986 на сцената на матичната опера ги реализира сите басовски партии. Неговиот интерпретативен опус бележи триесет и четири оперски улоги.