Австриска вечер
Пијано дуо
Денис Расел Дејвис
Маки Намекава
Денис Расел Дејвис и Маки Намекава прв пат концертно соработуваат во 2003 година. По нивниот одличен настап на Фестивалот „Арс Електроника“ во Линц, двајцата одлучуваат да започнат постојана соработка како пијано дуо. Од тогаш до денес редовно настапуваат низ Европа и САД, во престижни концертни сали и на Клавирскиот фестивал во Рур, на „Радиалсистем“ во Берлин, на фестивалите во Рајнгау и во Салцбург, на „Клангспурен“ и „Арс Електроника“, на фестивалот во „Линколн центарот“ во Њујорк, во салата „Бенароја“ во Сиетл, на фестивалите во Вашингтон, Калифорнија и Абу Даби.
За дуото дела пишуваат композиторите Филип Глас („Четири става за две пијана“) и Чен Ји („Западна кинеска свита“), а Филип Глас исто така го пишува делото „Два става за четири пијана“ кое Расел-Дејвис и Намекава го изведуваат со сестрите Катја и Марија Лабек.
Во 2019 година јапонскиот композитор Џо Хисаиши им го посветува делото „Варијација 57“ за пијано дуо и камерен оркестар, а во 2023 година го изведуваат делото на Стив Рајх „Пијано фаза за две пијана“, како и аранжманот за четирирачно пијано на култното дело на И. Стравински „Посветување на пролетта“.
ДВД-изданието на дуото „Слики за музика“ (“Images 4 music”), со музика од Стив Рајх и Филип Глас е номинирано за наградата „Меѓународна медија награда за наука и уметност“ и е прикажувано на германските, француските и швајцарските ТВ канали. За Моцартовата година во 2006 година, дуото го изведува аранжманот од Александар Землински на Моцартовата „Волшебна флејта“, дело кое е потоа снимено и за ЦД. Успехот на овој проект резултира со слични аранжмани на операта „Фиделио“ од Бетовен, „Годишните времиња“ и „Создавање на светот“ од Хајдн, сите во аранжмани за четирирачно пијано од Землински. Остваруваат и аудиоснимка на балетите на Стравински во оригиналната верзија за четирирачно пијано, а „Посветување на пролетта“ е визуелно обликувано од уметникот Кори О’Лан.
Покрај нивната активност како дуо, овие уметници имаат и интензивни индивидуални кариери. Маки Намекава настапува рецитално и како солист со бројни оркестри со особен акцент на современото творештво и на творештвото на композиторот Филип Глас, додека пак Денис Расел Дејвис има активна диригентска кариера. Од 2002 до 2017 година тој е шеф диригент на оркестарот „Брукнер“ и на операта во Линц, а покрај огромниот репертоар и активностите како пијанист и камерен музичар, тој е пасиониран промотор на современата музика и соработува со некои од најголемите живи композитори на денешницата.
