Британска вечер
Исата Кане-Мејсон – пијано
Пијанистката Исата Кане-Мејсон е препознатлива по нејзините еклектични и стимулативни рецитални програми кои нудат интересен спој на делата на Хајдн и Моцарт, Фани Менделсон и Клара Шуман, Шопен и Брамс, како и на Гершвин и делата од современите композитори. Во репертоарот со оркестар таа изведува дела од класичниот репертоар, како концертите на Феликс Менделсон и на Бетовен, но и од романтичната ера и од 20 век, како оние на Прокофјев и Рахмањинов.
Исата е пијанистка во подем и е барана од страна на концертните промотори, како и од оркестрите низ светот. Во јули 2024 година е поканета да го отвори Фестивалот „Би-би-си промс“, во Ројал Алберт Хол заедно со Симфонискиот оркестар на Би-би-си и диригентката Елим Чан. Истата година настапува како солист со Младинскиот оркестар на ЕУ под диригентската палка на Иван Фишер во њујоршкиот „Карнеги Хол“.
Оваа сезона нејзиниот репертоар го вклучува Третиот концерт од Рахмањинов кој под диригентската палка на Бар Авни ќе го изведе во амстердамскиот „Концертгебау“ со Оркестарот на Холандското радио, а ќе настапи со Прашкиот радиосимфониски оркестар и со Петар Попелка во салата „Рудолфинум“. Ќе дебитира со Симфонискиот оркестар на Сиетл и повторно ќе застане на сцената заедно со оркестарот на Бирмингем, со Би-би-си Скотиш и со оркестрите во Детроит и во Отава.
Исата продолжува да соработува со нејзиниот брат, виолончелистот Шеку Кане Мејсон, на дуо рецитал турнеја во Европа, во Јужна Америка и во САД. Таа ќе одржи солистички концерти во „Вигмор Хол“ во Лондон, во Бостон, во „Брукнер хаус“ во Линц, во операта во Осло, како и во Филаделфија.
Во 2024/25 година соработува со бас-баритонот Џералд Финли на концертите во Чешка и во Германија, настапува рецитално на фестивалот во Луцерн, како и на турнејата низ САД и остварува концерти со филхармониските оркестри во Лондон, Берген, Бремен и Дуизбург, како и со Симфонискиот оркестар на Северна Каролина, на турнејата со „Штадскапеле Вајмар“ и со оркестарот „Резиденцие“ од Хаг.
Исата е екслузивен уметник на издавачката куќа „ДЕКА“ за која веќе има снимено четири албуми, а последниот е посветен на музиката на Феликс Менделсон и на неговата сестра Фани Менделсон.
