„Охридско лето“ со незаборавен концерт на маестро Арчиули
Еден од најоригиналните изведувачи на денешната класична музичка сцена, италијанскиот пијанист Емануеле Арчиули, завчера во Македонската опера и балет во Скопје приреди незаборавен концерт во рамки на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.
На концертот што се одржа со поддршка на Италијанската амбасада во Република Македонија на чело со неговата екселенција, Амбасадорот Карло Ромео, меѓу другите, присуствуваа и министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми,членови од неговиот кабинет, претставници на Дипломатскиот кор во државава, политичари, како и врвни музички имиња од светот на македонската музичка сцена.
Пред самиот почеток на концертот, директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, се заблагодари на министерот за култура Адеми, како и на италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео, за несебичната поддршка во организирањето вакви настани со големи уметнички имиња, а на крајот од својот говор, на италијански јазик го претстави врвниот пијанист Емануеле Арчиули и го покани да настапи на сцената на Македонската опера и балет.
-Концертот беше навистина извонреден, со исклучително врвен перформанс на современа музика и беше проследен со бурни аплаузи и два биса од страна на присутните. Среќна сум бидејќи ова е втор концерт на „Охридско лето“ што се организира надвор од стандардниот фестивалски термин, и тоа, со виртуозен пијанист, а уште посреќна сум што овој музички настан е поддржан од страна на Министерството за култура на Република Македонија и Амбасадата на Република Италија во нашата држава. „Охридско лето“ продолжува да реди успеси, и следниот концерт е веќе закажан на 12 јануари следната година, во црквата „Света Софија“ во Охрид, вели директорката Поповиќ.
За публиката што синоќа уживаше во неповторливите звуци на пијаното на Арчиули, по завршувањето на концертот беше приреден и свечен коктел во организација на Италијанската амбасада. Пијанистот Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во Њујорк, Маџо музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика Санта Фе, како и на меѓународните фестивали за пијано во Бреша и Бергамо. Предава современа музика на Академија ди Пинероло, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест гостин професор на многу американски универзитети.
Репертоарот на овој ислучително талентиран и виртуозен пијанист е огромен и опфаќа дела од Бах до современа музика, со силен афинитет кон композиторите од Соединетите американски држави.