Стефан Миленковиќ-виолина; Владимир Милошевиќ-пијано

  Стефан Миленковиќ-виолина Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот. Како еден од најталентираните уметници од овие простори, Стефан Миленковиќ повеќе пати настапува на најпрестижните концертни подиуми во светот, солистички или со бројни оркестри под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Лорин Мазел, Владиимир Федосејев и Даниел Орен. Миленковиќ кариерата ја започнува на многу мала возраст. На само 10 години настапува пред претседателот на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле II. На 16 години го свири 1000 концерт во Монтереј, Мексико, а на 17 годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти како Натпреварот во Индијанаполис, Кралица Елизабета (Белгија), Натпреварот во Хановер (Германија), натпреварот „Тибор Варга“ во Швајцарија, „Липицер“ и „Паганини“ во Италија, „Лудвиг Шпор“ во Германија и „Јехуди Мењухин“ во Велика Британија. Голем дел од своето време Миленковиќ го посветува на хуманитарна работа, па така во 2002 за неговите активности во оваа сфера е награден со признанието Lifting Up the World With Oneness Heart кое му го доделил Шри Чинмој. Под закрила на УНЕСКО настапува на голем број гала – концерти заедно со Пласидо Доминго, Лорин Мазел, Алексис Вајсенберг, Сер Јехуди Мењухин, а активен бил и како прв детски амбасадор за време на војната во поранешна Југославија. Неговите интереси како музичар ги надминуваат границите на строгата класика, па така Миленковиќ настапува со за Греми номинираниот бенд „Горилаз“, а соработува со Един Карамазов и Влатко Стефановски Трио. Стефан Миленковиќ е посветен на педагогијата, и работел заедно со Исак Перлман на Школата „Џулијард“ во Њујорк пред да стане редовен професор по виолина на Универзитетот во Илиноис во Урбана-Шампањ.  Миленковиќ е сѐ  уште најмладиот дипломиран студент на Белградскиот универзитет на кој студиите ги завршува на 19 годишна возраст, по што студира на „Џулијард“ во класата на Дороти Дилеј. Свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гвадањини во 1783 година.   Владимир Милошевиќ-пијано Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ,  а продолжил да се усовршува  во Италија со Лазар Берман и Мишел Далберто. Од страна на менаџерската куќа New York Concert Artist and Associates  е прогласен за „Ѕвезда во подем“ и овозможен му е настап со оркестар во „Меркин хол“ во Њујорк. Настапува во концертните сали во Париз, Лондон, Берлин, Прага, Виена, Тел Авив, Милано, Рим, Перуџа, Венеција, Ница, Лион и Вилнус. Како победник на Меѓународниот натпревар во Виченца, дебитира во „Карнеги хол“ во Њујорк во 2005 година. Турнеите го водат во Јужна Африка (Кејптаун, Јоханесбург, Дурбан и Порт Елизабет),  Бразил (Порто Алегре, Пелотас, Сао Хозе дос Кампос), Мароко (Казабланка, Рабат и Маркеш) и во Австралија, таму настапувал со рецитали  и  одржувал семинари. Како активен камерен музичар соработува со Драган Ѓорѓевиќ, Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Јанош Балинт, Дмитри Прокофјев.  Како солист со оркестар настапува со Белградската филхармонија, Оркестарот на РТС, Симфонискиот оркестар на Црна Гора, оркестрите во Кејптаун, Јоханесбург итн. Носител е на бројни награди и признанија од меѓународни натпревари во Франција, Полска, САД, Австралија и Италија. Има направено снимки за радио и ТВ во Јапонија, Бразил, Канада и Полска. Владимир Милошевиќ е вонреден професор по пијано на Универзитетот за уметности во Белград.
https://www.kupikartizase.com/Events/stefan_milenkovik_ohridskoleto