Педесет и деветтото издание на фествалот „Охридско лето“ ќе биде отворен в петок, на 12 јули, со спектакуларен концерт на светски популарната виолинистка Ванеса Меј што ќе се одржи на Антички театар во Охрид со почеток во 21 часот.
Мегапопуларната Ванеса Меј ќе приреди неповторливо доживување за љубителите на уметноста за кое, се бара карта повеќе.
Ванеса Меј е родена во Сингапур на истиот ден со виртуозот на виолина Николо Паганини. На четири годишна возраст се сели во Лондон и започнува да учи виолина за на 8 години да замине во Пекинг. Таму ги развива талентот и виртуозноста во класата на Лин Јао Џи. Во Лондон се враќа да ги продолжи студиите по виолина на Кралскиот колеџ за набргу во 1998 година да дебитира на Фестивалот Шлезвиг-Холштајн со одличен прием кај светската музичка јавност, а на само 11 години дебитира со оркестарот „Филхармонија“ во Лондон по што веќе нема запирање за кариерата на Меј која од тој миг натаму е во постојан подем.
На 13-годишна возраст „чудото од дете“, Меј, веќе има издадено три комплетни албуми на кои се поместени концертите од Чајковски и Бетовен, но и виртуозни пиеси од Виењавски, Сарасате и Паганини. Набргу потоа го наоѓа својот стил снимајќи го албумот „Виолинистка“ издаден во 1995 година кој се продава во милионски тираж, наоѓајќи сосем нова публика различна од онаа традиционалната. До денес има продадено повеќе од 10 милиони албуми и добиено 40 интернационални награди за нејзините поп и класични снимки, додека пак концертите се пренесувани во повеќе од 100 земји во светот. Соработува со различни артисти меѓу кои и Џенет Џексон и Принс, а нејзиниот календар е исполнет со настапи со кои досега ја има обиколено земјината топка повеќе пати. Посетила повеќе од 50 земји, а свирела на атрактивни локации како: Кремлин во Москва, Хајд Парк во Лондон и Акропол во Атина.