Со долги и бурни овации и преполно гледалиште беше награден Симфонискиот оркестар на Бријанск од Русија кој синоќа под диригентската палка на маестро Едуард Амбарцумјан одржа концерт во црквата „Света Софија“ во рамките Руската вечер на „Охридско лето“.
Руските уметници на својот маестрален настап доловија композиции од Едвард Багдасарјан, Георги Свиридов, Лерој Андерсон и Александар Бородин, а мошне префинето ги изведоа и брамсовите „Унгарски танци“, штраусовата Увертира кон операта „Лилјакот“, како и Полонезата од операта „Евгениј Онегин“ од Петар Илич Чајковски.
На Руската вечер присуствуваше и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин кој изрази голема благодарност до директорката на „Охридско лето“,Наташа Поповиќ, и до целиот тим на фестивалот, за, како што рече, прекрасната организација на овој, главен настан во културниот живот на земјава,но и за поддршката за одржувањето на Руската вечер.
-Виртуозната изведба на прекрасните музички дела на реномираните руски и европски композитори не остави рамнодушен никого од многубројната публика. Како амбасадор на Русија, задоволство ми е да потенцирам дека музичари од нашата земја традиционално заземаат значајно место во програмата на „Охридско лето“. Во рамките на фестивалот настапувале светски познати уметници како што се Мстислав Ростропович,Леонид Коган и неговиот син Павел Коган, Свајтослав Рихтер,Галина Вишњевскаја и Елена Образцова, Дмитри Хворостовски, Максим Вангеров, Вадим Репин, Борис Березовски и многу други. Ова е спектакуларна потврда за огромната популарност на руската култура тука, но и за заемното духовно привлекување на народите на нашите две земји. На фестивалот „Охридско лето“ му посакувам успешна работа,на неговите гости силни впечатоци од настапите на ѕвездите од светската уметност, а на самите уметници, им посакувам нови творечки успеси, истакна амбасадорот Баздникин.
Симфонискиот оркестар на Бријанск е формиран во 2011 година од страна на заслужниот уметник на Руската федерација Едуард Амбарцумјан кој е уметнички директор и диригент на ансамблот. Уметниците од овој симфониски оркестар изведуваат популарни, но и сложени дела од музичката литература.
Амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Бедникин, синоќа приреди свечен коктел во чест на Руската вечер што првпат се организира во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Во прекрасниот амбиент на Долни Сарај, покрај уметниците од Симфонискиот оркестар на Бријанск кои со својата виртуозна изведба приредија возбудливо уметничко доживување, присуствуваа и пратеници од Охрид во Македонскиот парламент, претставници на Општина Охрид и други гости.