Ликовна изложба на големиот сликар Стефан Хаџи-Николов отворена во Куќата на Робевци

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа се одржа изложба на слики од Стефан Хаџи-Николов.

Станува збор за Ова ќе биде 77-ма самостојна изложба на Хаџи-Николов и осма во Охрид со што, сликарот  го одбележува тридецениското присуство на охридската ликовна сцена. Претставени се 40 слики од три творечки циклуси на авторот: знаменитостите на Охрид, дела со фигуративна тема и слики од циклусот „Пејзажи на душата“.

-Презадоволен сум од вечерашнот отворање на мојата самостојна изложба која предизвика голем интерес кај  посетителите и љубителите на ликовната уметност.  Големиот интерес, пред се’, се должи на мотивите од Охрид и знаменитостите на градот, но по подолго време во Охрид ги и поставив фигуративните теми, вели авторото на оваа ликовна поставка.

Изложбата на големиот сликар Стефан Хаџи-Николов што „Охридско лето“ ја организира во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид,  ќе биде достапна за љубителите на уметноста во Куќата на Робевци до 31 јули.

Стефан Хаџи-Николов е добитник на 16 награди меѓу кои и државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања за Република Северна Македонија во областа на културата и уметноста како и наградата „13 Ноември“ на град Скопје за долгогодишни високи остварувања во областа на сликарството.

Уметникот Хаџи-Николов  е роден  во Скопје, 1955 година. Педагошка академија- група ликовно воспитување завршил во 1975 година во Скопје.Член е на Друштвото на ликовни уметници од 1984 година.