Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на руските уметници, виолончелистот Денис Шаповалов и пијанистот Александар Вершинин што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Она што го издвојува Шаповалов од останатите надарени виолончелисти во светот е неговото комплексно продирање во суштината на делата кои ги изведува, неверојатната техника и исклучителна експресивност.
Настапува на значајни интернационални фестивали во Русија, Франција, Италија, Германија, Австрија, САД, Јапонија и Кина, а соработува и со истакнати оркестри како Симфонискиот оркестар „Чајковски“, Симфонискиот оркестар во Санкт Петербург, камерните оркестри „Московски виртуози“ и „Московски солисти“, оркестарот на Баварското радио, Холандската филхармонија, Лондонскиот симфониски оркестар, Лондонската филхармонија, оркестрите во Балтимор, Токио, Братислава, Макао и др. Настапува под диригентските палки на Лорин Мазел, Јука – Пека Сарасте, Владмир Федосејев, Јутака Садо, Јоел Лев, Ендрју Литон, Владимир Спиваков, Јуриј Башмет, Валери Полјански, Томас Сандерлинг, Џанандреа Нозеда и многу други.
Покрај како солист, Денис Шаповалов, гради кариера и настапува и како диригент, одржува мајсторски курсеви и компонира. Неговите дела се одлично примени од страна на критиката и публиката.
Рускиот пијанист Александер Вершинин е роден во 1965 година во Москва. Дипломира и магистрира со почести на Московскиот конзерваториум по што му е доделено професорско место, а од 2009 година има своја класа на Универзитетот Сакујо во Јапонија.
Репертоарот на Вершинин вклучува музика од различни жанрови, од класични дела се до џез импровизации. Особено внимание посветува на опусот на Александар Скрјабин,неговите последни дела, пет сонати и делницата за пијано од симфониската поема „Прометеј“. Од 2001 година Вершинин е член на Фондацијата „Скрјабин“. Со педагогијата како негов примарен повик, Вершинин одржува мајсторски курсеви во Русија и надвор од неа, но успешно ги комбинира со неговите настапи на интернационални фестивали и турнеи во Франција, Германија, Јапонија, САД, Јужна Кореја и др.
Тој е основач и уметнички директор на различни проекти меѓу кои крос-овер фјужн проекстот „Индија во Сино“, „Класика и џез“, како и серијата класични концерти со наслов „Историски концерти“. Неоговото авторско дела „Свита Бајки“ за соло глас, саксофон, џез пијано трио и гудачки оркестар се здобива со одличен прием кај публиката но и кај стручната музичка јавност во Русија.