Народниот театар од Битола вечерва гостува на „Охридско лето“
Народен театар Битола ja носи на „Охридско лето“ театарската претстава „Бакхи- Краток преглед на распадот“ по Бакхи од Еврипид, а во режија на Игор Вук Торбица. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Според режисерот Игор Вук Торбица, меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, Бакхи се издигнува заради неколку тематски и формални причини, но, како што вели, можеби најважна е таа што Бакхите ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание, моќта на раскажување приказни.
-Текстот е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото“ доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме.Но, можеби нај интересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е: зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред се’ е конституиран „со она другото“ – непријателство спрема „надворешниот противник“? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?“,дека сме вистински странци себеси и едни на други, односно дека ништо не не саботира повеќе отколку општествените препреки коишто самите си ги наметнавме, вели Вук Торбица.
Во претставата „Бакхи – Краток преглед на распадот“ играат Маја Андоновска – Илијевски,Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, Викторија Степановска – Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазиа Христовска.
Драматургијата е на Билјана Крајчевска, сценографијата ја изработи Валентин Светозарев, а костимите се на Благој Мицевски. Автор на музиката во драмата е Александар Димовски.